Николоски: Заев излезе најголем антизападен играч

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на телевизија Алфа рече дека ова е втор ребаланс на Буџетот каков што не е виден до сега во плурална Македонија во кој се проектира огромна дупка во Буџетот.

„Според проекциите на министерстворто за финансии дупката ќе биде 960 милиони евра, односно Заев и владата ќе потрошат 960 милиони евра повеќе од што ќе соберат“, рече Николоски. Според него има неколку проблеми со Буџетот, односно вториот ребаланс.

„Првиот проблем е што лажно се претставува приходната страна. Се очекува дека од даноци ќе се соберат милијарда евра што е невозможна мисија. Тоа е за 70 милиони евра повеќе од мината година во последните три месеци кога немаше криза. Оваа година со затворање на ресторани, рестрикции на јавен превоз да се очекува дека ќе се собере повеќе пари е или непознавање или лажење“, рече Николоски.

Во однос на јавниот долг, рече Николоски, ова е најлошата година затоа што јавниот долг ќе ја помине психолошката бариера од 60 проценти.

„Да поедноставиме, од се што произведува Македонија како држава за една година должи 60 проценти или скоро две третини или ако секој прави илјада денари 600 денари се долг“, посочи Николски.

Овој Буџет, рече Николоски, треба да им помогне на најзасегнатите од кризата, а за нив има само 8,3 проценти.

„Оттука се поставува прашањето каде одат другите пари. Се работи за огромен потенцијал за криминал и при промена на власта ќе се направи скенирање бидејќи најголеми криминали се прават во период на кризи“, вели Николоски.

Говорејќи за економијата Николоски рече дека додека Заев и владата се занимаваат со тривијални теми, а странски инвестиции не доаѓаат во Македонија четири години.

„Но затоа се објави вчера дека најголемата јапонската компанија за висока технологија во соседна Србија ќе инвестира 2 милијарди долари, пола наш буџет, во најголема фабрика во Европа за прозиводаство на електрични мотори. Тоа ќе ја зголеми економијата на Србија, а Србија до вчера копираше се од кај нас“, рече Николоски.

Николоски се осврна и на надворешната политика укажувајќи дека сервилната политика на Заев и ветувањата кои ги давал за да дојде на власт сега ја испорачуваат цената.

„Бугарските политичари велат Заев ветил бришење на македонскиот народ и јазик.  ВМРО-ДПМНЕ тоа никогаш нема да го прифати, а не да преговара“, рече Николоски.

Тој вели дека Заев не ги прифитал иницијативите на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба затоа што нема чесни намери.

„Ние побаравме два пати лидерска средба, во март кога го презентирав документот, а владата го криеше тоа. И баравме лидерска по изборите кога зовре темата. Претседателот Мицкоски предложи пак средба и беше одбиен. Тоа е така зошто Заев има нечесни намери. Заев излезе најголем антизападен играч затоа што Македонија не започна преговори со Брисел“, рече Николоски.