Николоски: Уставни измени под бугарски диктат нема да има ни пред ни по избори


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, порача дека уставни измени под бугарски диктат нема да има ни пред ни по изборите. 

„Година ипол трае оваа приказна. Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има. Ова е затворено прашање“, истакна Александар Николоски во интервју за „Радио Слободна Европа“.

„Го затворивме тоа прашања, уставни измени нема да има. Беспредметно е воопшто да влегуваме во тези и хипотези кои што единствена цел имаат да се замајува јавноста од вистинските теми, а тоа на пример е како е возможно  Државна лотарија да се исели од државни простории и да оди во приватни , да потпише 2.6 милиони евра кирија и потос таа фирма е купена од син на пратеник од ДУИ“, потсети Николоски.

Во однос на преговарачката рамка, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рече:

 „Тоа се работи за кои што треба да понесат одговорност овие кои што прифатија ваков бугарски диктат. Затоа што ова е  понижување за Македонија. И ние секако сме спремни да разговараме за продолжување на европскиот пат на Македонија, но само доколку и ако и Бугарија е подготвена да направи чекори. Бугарија треба само да го испочитува она што е основен принцип на владеење на правото, а тоа е помеѓу другото и почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој што е највисок суд за човекови права во Европа“, рече Николоски.

Тој исто така тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ по изборите нема да коалицира со ДУИ и најави дека без разлика на бројот на пратеници што ќе го имаат, подготвени се за разговори со опозицијата во албанскиот кампус партии.

„По изборите една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има. Ова раководство на ДУИ за жал се криминализираше до максимален можен степен, скоро и да нема ден во којшто нема афера во којашто дел се претставници на ДУИ. Тоа е однесување коешто никој не може го толерира и однесување кое што треба да биде истражено од органите, а не да биде дел од владина работа, затоа што ние излегуваме со наша програма и таа програма не можете да ја спроведете со луѓе коишто одат сабајле на работа и размислуваат како да злоупотребат нешто или да направат криминал,“ рече Николовски во интервју за Радио Слободна Европа.