Николоски: Срамот на Заев не треба да стане колективен срам

 
 

Два дена по скандалозното интервју, наместо Зоран Заев да се извини и да се повлeче од изјавите кои претставуваат удар на темелите на македонската држава и самобитноста на македонскиот народ, тој уште подлабоко навлегува во небулози и навреди кон својот народ, рече денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Според него, Заев е изолиран во намерата да го избрише македонскиот национален идентитет и да се откаже од историјата.

„Тоа ќе има далекусежни последици кои што значат македонската држава да нема право да се темели на илинденското и антифашистичко наследство, тоа е она што го прави Зоран Заев овие денови“, нагласи Николоски.

Потпретседателот на опозициската партија вели дека кога Заев ги прогласува окупаторите за ослободители, со тоа македонските антифашисти кои се вистинските ослободители, ги става на другата страна.Николоски смета дека Заев ова го прави за, како што вели, голо останување на власт и уште малку финансиска корист и интерес за него и неговите блиски.

„Ова што го прави е целосно рушење на позициите на Република Македонија на трајна основа, ова што го прави значи целосно рушење на било каква преговарачка позиција на Република Македонија во иднина. И затоа ден поскоро, час поскоро да си поднесе оставка и да си замине“, рече Николоски додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на 100-те дена од доаѓањето на Владата ќе покрене прашање за доверба на Владата во Собранието на Република Македонија.