Николоски: Собранието не може повторно да заседава


 Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски изјави дека Собранието не може повторно да заседава затоа што е распуштено и оти по ова прашање Уставот е јасен.

– Јасни се одредбите во македонскиот Устав, како и позитивните законски акти, така што еднаш распуштено Собрание не може да се врати и да заседава, рече Николоски одговарајќи на новинраско прашање во врска со барањето за свикување итна седница од страна на СДСМ.

Во однос на нов датум за парламентарни избори, тој кажа дека е дегутантно и нечовечко однесувањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев и на СДСМ, во услови кога многу луѓе се заболени од корона вирусот, илјадници луѓе губат работни места и за жал десетици фамилии ги изгубија своите најблиски, а многу луѓе сеуште се борат за својот живот, кој било од политичарите да зборува за вакви теми.

-Ова е едно нечовечко однесување на СДСМ. Доколку решат повторно по стоти пат да го кршат Уставот и да не се грижат за здравјето на граѓаните и економската благосостојба секако ВМРО-ДПМНЕ во тој момент ќе заседава во своите органи и ќе донесе одлуки, кои што ќе бидат на линија на Уставот, законите, но, пред се, на заштита на здравјето и економската благосостојба на граѓаните, рече Николоски.

Претходно СДСМ оцени дека иницијативата на пратениците за свикување на седница  во Собранието е демократски порив и покажува дека СДСМ нема проблем Владата да биде контролирана од Парламентот. Тие го обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека со одбивањето на оваа иницијатива, покажуваат дека ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ.

-Единствена партија за која Собранието е најголем проблем. Единствена опозициска партија која не сака да се свика собранието.ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, останува заглавена во својата антидемократска фаза во која Собранието останува нивен непријател, обвинија од СДСМ. Според нив ВМРО-ДПМНЕ сака да има контрола над институциите во државата.