Николоски се жали, власта ги навредувала и дискредитирала


 Александар Николоски, носител на Изборна единица 4 од ВМРО-ДПМНЕ, во желбата да ја искритикува што повеќе власта изјави на предизборен митинг дека Владата ги менувала изборните правила како во Северна Кореја, иако во оваа земја избори реално нема. Тој исто така се чудеше зошто до денес нема никакво сознание кој стои зад „громозорниот“ напад на објектот на Владо Мисајловски, иако од нападот немаше некоја штета не пак громозорност,  а истрагата треба да ја води министерот Наќе Чулев – кој е од неговата партија.

-Очекувам да имаме фер и демократски избори, но ако ме прашувате дали тоа ќе се случи, мислам дека нема да се случи. Предизборниот период покажа многу работи. Еве поставена е бомба во објект на мојот колега потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски, до денес сеуште немаме никакво сознание кој стои зад тој грозоморен чин кој што можеше да заврши пофатално од тоа што заврши.

На само еден ден пред почетокот на кампањата, како во Северна Кореја, Владата донесе едностран акт за промена на изборниот законик со кој што правото на опозицијата да има свое претставување во медиумите како и буџетот определен за тоа се намали за половина, за 50 отсто. Никогаш во историјата на Македонија не се случило изборен законик да се менува без консензус со опозицијата без разлика кој бил во опозиција. Ова е прв пат на само еден ден пред почеток на кампањата. Понатака имаме замрзнат имот на нашата политичка партија, имаме притисок и опструкции кон целокупното членство на партијата.

Тоа е она што го гледаме досега, а она што го гледаме и пред почетокот на кампањата и откако почна кампањата е еден силен наплив на лажни вести и лични навреди и дискредитација, изјави Николовски.

За споредба, како изгледа политички коректната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, може да се види од насловите на нивните соопштенија денес со кои мора да се справуваат медиумите а да го одржат нивото: Заев излажа се!, Доста е од вирусот на неспосoбност и криминал наречен Заев, СДСМ само глуми грижа за граѓаните, криминалот е нивна карактеристика, Никој веќе не верува во лагите на Заев , По лагата дека ќе вработат 200 пилоти СДСМ тргна во Арачиново со нови лаги…, вклучувајќи го и главниот видео спот на ВМРО-ДПМНЕ откко почна кампањата, а кој е именуван, секако,со  „Излажа“.