Николоски: Нема бегање од предвремени избори


Нема бегање од предвремени избори. Ако премиерот се премисли, ВМРО-ДПМНЕ најавува силен притисок за предвремено изборно соочување. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, денеска, на средба со граѓани во Автокоманда, рече дека треба да се договорат техничките аспекти за спроведување на изборите.
-Во однос на лидерската средба очекуваме да видиме кој ќе биде дневниот ред, предложен од Стево Пендаровски, од претседателот на државата. Да видиме за што мисли да разговараме. Секако ние мислиме, сакаме и ќе разговараме за предвремени парламентарни избори. Тие мора да се случат. Бегање од нив нема. Зоран Заев до пред неколку дена бегаше. По фијаското што му се случи и силниот притисок што ние го направивме вчера се согласи на предвремени парламентарни избори. Ако до денес не се премисли, тогаш да се договориме технички за истите. Ако се премисли ќе направиме силен притисок за предвремени парламентарни избори да се случат. Во однос на очекувањата е многу едноставно: Македонија има Изборен законик и има Устав, треба двата да се испочитуваат и да одиме на избори. Тоа што Зоран Заев го имаше на претходните избори, сега треба да го има ВМРО-ДПМНЕ и да одиме на едни чисти, фер и демократски избори – рече Николоски.
Тој посочи дека очекува на денешната лидерска средба да се разговара за датумот за избори.
-Би било претенциозно сега да говорам за тоа. Но кажав дека треба да се испочитуваат Уставот и законите во Македонија и да одиме на чисти, фер и демократски избори – рече Николоски.