Николоски: Не може да сте про-ЕУ и да има корупција


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, соопштува дека е поднесена иницијатива за недоверба на Владата

 

За обичните граѓани членството во Европската Унија се сведува на економска состојба, на подобар живот и на функционална правна држава.  Во моментов за жал немаме ниту едно од тоа, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски на трибината организирана со Собранието од НКЕУ.

Според него, за голем дел од граѓаните ЕУ станува далечна желба и затоа решаваат да ја напуштат државата.

-За жал, ентузијазмот во однос на проширувањето на Европската Унија се повеќе и повеќе опаѓа. Се уште е висок, се уште значаен дел од граѓаните веруваат дека Македонија еден ден ќе стане членка на Европската Унија, но тоа е далеку помало од она што беше во минатото. Што  веројатно е обострана одговорност и на Македонија, но исто така и на ЕУ. Мислам дека се потребни посилни сигнали за целиот регион и во таа насока морам да кажам дека не звучат охрабрувачки кога ќе се слушнат високи претставници на земји членки на ЕУ кои што кажуваат дека е толку со проширувањето, дека Западниот Балкан нема перспектива или дека прво треба Унијата да се реформира, па после тоа да се размислува за проширување, рече Николовски.

Според него, тој ентузијазам паѓа уште повеќе во Македонија зошто има свој уникатен пат на пристапување на ЕУ, кој што е далеку поразличен од било кој пат на било која земја членка. 

-Ќе се согласите дека ваков притисок од соседите каков што Македонија чувствувала и чувствува прво од Грција,а сега за жал и од Бугарија, ниедна друга држава немала во процесот на проширување. Напротив тие секогаш биле поддршки. Еве слушаме дека Словачка навистина помага во однос на организацијата на овој настан, но и на работата на Европското движење. Тоа е еден добар пример од Централна Европа каде што државите се поддржуваа меѓусебе за членство во ЕУ. Ако сакате бевме и во иста заедница во минатото со Словенија, може да се види нејзиниот пример каде што нејзините соседи силно ја поддржаа за членство во ЕУ, што за жал не е случај со Македонија, рече Николоски.

На домашен план тој се спротивстави на преставувањето на ВМРО-ДПМНЕ како партија кочничар на евроинтеграцијата, која реторички ја поддржува а на терен ја блокира, сега и со противењето да ги прифати уставните промени.

-Кога ќе ги погледнеме работите дома, она што најмногу ми пречи е обојувањето црно и бело, односно користењето на процесот на европски интеграции за внатрепартиска политика. Па,  можеме често да слушнеме дека едни се про ЕУ, а други се анти ЕУ, едни се прозападни, а други се антизападни, што мислам дека е злоупотреба на целиот овој процес, затоа што помеѓу главните политички партии во Македонија апсолутно не постојат разлики и постои консензус во однос на проширувањето на ЕУ. Не постои посериозна политичка партија во Македонија која е против членство на Македонија во ЕУ. И затоа мислам дека тој дискурс треба да се тргне надвор од дневната политика, рече Николовски давајќи потоа свое видување што значи да си реторички за ЕУ, а реално не.

-Не е било кој политичар многу про-ЕУ доколку во исто време се зборува за европска интеграција, од друга страна се руши системот, корупцијата расте и нема функционално владеење на правото и функционална држава. Не мислам дека про-ЕУ оди во исто време со про – корупција, рече Николоски.