Николоски не е во право: Брзите пруги во Европа чинат многу поскапо од трасата Крива Паланка – Деве Баир
Во Европа брзите пруги сега се градат со по 30 до 40 милиони евра по километар, а не од 10 до 12 милиони евра, како што тврди министерот за транспорт

Министерот за транспорт, Александар Николoски, има право кога вели дека треба да се види дали сегашниот проект за делот од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до тунелот на Деве Баир, е најдобриот поради конфигурацијата на теренот и скапата изведба. Како и дека се потребни дополнителни разговори со Бугарија околу изнаоѓањето на решенија дали треба да се најде подобар проект, кој пред сѐ, ќе ја зголеми брзината на возовите. Тој проект беше направен во средината на 1990-те и сега изгледа како несоодветен поради предвидената брзина од 60 километри на час, кога железниците сега се градат за многу поголеми брзини.
Но тој не е во право кога ги споменува параметрите за изградбата на тие 24 километри на кои треба да се изградат 22 тунели и многу мостови. Според пресметките, еден километар пруга на оваа делница би чинел 24 милиони евра. Тој вели дека тоа е прескапо. Николоски денеска рече дека брза пруга во Европа, која што оди со 200 километри на час, чини помеѓу 10 и 12 милиони евра километар.
Таа негова оценка е далеку под вистинското чинењето на брзите пруги кои се градат во Европа за возови кои одат најмалку со 200 километри на час и се со две паралелни пруги за да се вози во двете насоки истовремено.
Прво да ја споменеме првата голема брза пруга која неодамна се изгради во Индонезија меѓу двата најголеми градови, Џакарта и Бандунг. Таа чини 52 милиони долари по километар. Таа цена е повисока од изградбата на брзите пруги во Кина (околу 30 милиони долари по километар), но сѐ зависи од теренот.
Во Калифорнија се гради брза пруга за супер брзи возови. Должината на таа пруга е 275 километри. Првичната цена беше 22,8 милијарди долари, но според новите пресметки цената на чинењето скокна на 33 милијарди долари. Што значи, 120 милиони долари по километар. Сѐ зависи од теренот и брзината на пругата.
Како е во Европа? Во Франција, на пример, еден километар просечно чини 24 милиони долари, но во Шпанија тој просек е 27 милиони долари. Варијаблите, како што се сложеноста на теренот и густината на населението во областа на проектот, ја зголемуваат цената.
Европскиот суд на ревизорите во еден извештај од 2018 посебно се осврнува за чинењето на изградбата на брзите пруги во ЕУ. Во него ниту еден километар изграден дотогаш (во меѓувреме, цената на материјалите, како цементот и железото драматично скокнаа) не чини од 10 до 12 милиони евра, како што тврди Николоски, туку далеку повеќе.
Еве неколку примери:
Брзата пруга во Германија од Штутгарт до Минхен, која почна со изградба во 2010, а ќе заврши во 2025, е долга 267 километри. Таа чини 13,27 милијарди евра. Што значи – 49,7 милиони евра по километар.
Во Германија, друга брза пруга што е веќе пуштена во сообраќај, од Берлин до Минхен (671 км) беше изградена за 14,68 милијарди евра. Тоа значи 21,8 милиони евра по километар. Пак сѐ зависи главно од теренот.
Во Италија, од 2003 се гради брзата пруга од Милано до Венеција во должина од 273 километри. Треба да биде завршена во 2028. Нејзиното чинење е 11,8 милијарди евра. По километар тоа изнесува 43 милиони евра. Пругата од Торино до Салерно во должина од 1007 километри чинеше 32 милијарди евра – 31,8 милиони евра по километар. Но таа беше завршена уште во 2009 година.
Има и поевтини. Во Шпанија од Мадрид до Леон пругата во должина од 345 километри е направена за 5,4 милијарди евра. По километар тоа е 15,6 милиони евра. Таа беше почната во 2001 и завршена во 2015.
Секому му е јасно дека пруга до Бугарија треба да има, таа е влезена во европската железничка мрежа и затоа ЕУ даде 200 милиони евра грантови за нејзината изградба. Тоа не е се мали пари. Дали проектот треба да доживее некаква преправка. Веројатно, да. За да се зголеми брзината и евентуално да се намалат бројот на тунелите и мостовите. Но да се откажуваме од тој железнички крвоток кон Црното Море, кога сите наши соседи (погледнете ја Србија) интензивно вложуваат во железницата, би било историски непродуктивно. Со површни податоци за чинењето на километар за брзите пруги во Европа таа историска непродуктивност само ќе се зголемува. (Љ.П.)