Николоски: Ќе се испитува потеклото на имотот на сите политичари и јавни личности


Носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во четвртата изборна единица, Александар Николоски на денешниот митинг во општина Новаци рече дека трет ден го повикува лидерот на владејачката Зоран Заев да каже дали е во можност да го докаже потеклото на неговиот личен капитал и богатство и потеклото на богатство на неговото семејство.

-Значаен дел од нашата програма зазема делот за владеење на правото и правна држава. Трет ден по ред Заев бега да одговори. Имаме проект што се вика испитување на капиталот и богатството на сите политичари и јавни личности во изминатите 30 години. Пред неколку месеци претседателот на нашата партија и идниот премиер Христијан Мицкоски ова го презентираше јавно, сега е дел од нашата програма и ќе го спроведеме, рече Николовски.

Николоски вети отворање мали и средни претпријатија кои ќе вршат откуп на земјоделските производи, како и регулирање на цената на пиперката.

-Слушам дека цената на пиперката овде е исклучително ниска, како што слушам дека цените на праските ќе почнат да се спуштат, како што знам цената за крставицата веќе е стигната на 5 денари за килограм, за житото, за пченицата кое што доаѓа за жетва не сакам ниту да помислувам каква ќе е цената, веројатно за комбајн нема да може да се извади а камоли повеќе. Тоа е тажната слика за македонскиот земјоделец, притиснат од зелената мафија која што е во сојуз со Зоран Заев и неговото семејство. Ветуваме директен сериозен удар врз зелената мафија за да може да се отвори тој простор и да се отворат што повеќе мали и средни претпријатија кои што ќе вршат откуп на земјоделските производи, рече носителот на листата во Иизборна единица 4 Николоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека на 15 јули поддржувачите на нивната коалиција ќе се радуваат на огромна победа. Според Мицкоски, народот пркоси и за две недели ќе приреди огромна победа.

-Изборот е јасен. Она што нас не прави поразлични, тоа е енергијата за нашата Македонија. Обединети, сложни да излеземе наутро и да заокружиме реден број 14, за да не ни се случат уцени, закани да оневозможиме дополнителни страдања. Секаде кој и да ве погледне во очи ќе рече исто е 30 години сите сте исти и кажуваат останав без внукот, без синот, сите заминаа, не стигнува пензијата од први до први, соседот е разочаран, со земјоделците ако разговарате ќе кажат субвенциите ниски. Македонци кренете ја главата горе високо, не очајувајте, доаѓа надеж, ние имаме програма која внимателно ја пишувавме, истакна Мицкоски.