Николоски до СДСМ: Како ќе ги погледнете тутунарите во очи?

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, носител на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 4 синоќа им се обрати на прилепчани барајќи масовно да излезат на гласање на 15 јули и смета дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ ќе имаат огромна поддршка од граѓаните.

Според Николоски, тоа што се случува во Прилеп во овие три години е слика за целата држава, а ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ќе ги исправи работите.

– Секаде има корупција и криминал. Две странски инвестиции кои требаше да дојдат се откажаа. Не е направено ништо, запрена е изградбата на патот Градско-Прилеп. Тутунарите се излажани и понижени и нивниот труд не е ценет. Тутунот им се откупуваше по ниски цени. Ние за пензионерите ќе донесеме подостоинствени пензионерски денови, за работниците нови инвестиции, да има сигурни работни места, рече Николоски.

Николоски од Прилеп упати и неколку прашања до Заев.

-Со кој образ го чува за директор на „Тутунскиот комбинат“ што зема три и пол илјади евра плата месечно, или пет и пол илјади евра бруто, а едно цело македонско семејство заработува толку за една година. Како ќе ги погледне тутунарите во очи. Како ќе ги погледне пензионерите, невработените и сите граѓани на Прилеп. Странски инвестиции нема, што нема, ама дали неговото семејство се јавува како странски инвеститор во најмалку две европски држави. Го повикувам да одговори ако не јас ќе и дадам документи на јавноста и да видат граѓаните како станаа најбогато семејство на Балканот. Го прашувам и  дали ќе продолжи да преговара за историјата со Бугарија, рече Николоски на вечерашниот собир пред прилепчани.