Николоски: Четири клана во СДСМ се борат за фотелјата на Виктор Димовски


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, соопштува дека е поднесена иницијатива за недоверба на Владата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски се сомнева дека емитувањето на затворената седница со директорот на АНБ, Виктор Димовски, било исценирано за да таа биде прекината. 

– Се сомневам дека целиот инцидент во петокот беше исцениран. Затоа што немаше друг начин да се спречи работата на соодветната комисија за надзор освен да се исценира инцидент, а после тоа да имаме ваков заклучок во кој меѓу себе треба да се контролираат оние кои го кршат законот. Имено претседателот на  Собранието кој е од владејачкото мнозинство вели дека нема да продолжи комисијата која ја води опозицијата се додека не се заврши истрагата и извештајот што ја води министер од владејачкото мнозинство, па теоретски може истрагата да трае две години и две години ќе нема комисија. Тоа само потврдува дека продолжуваат да ги злоупотребуваат институциите и дека власта се плаши од вистината, рече Николоски на прес конференција.

Околу обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека АНБ ја следи опозицијата, токму  минатата недела  најави кривични пријави кон пратеник што издал информации и детали за двајца оперативци кои наводно сте ги виделе на терен додека го следеле лидерот на опозицијата.

-Да имаше АНБ директор  за внатрешна контрола ќе можеше да побара соодветната собраниска комисија да ја испита работата на АНБ за точно да се утврди кој и зошто физички е следен од страна на опозицијата. Во однос на обвинувањата кон пратеникот Ковачки, тоа е нормално во Македонија, наместо џелатот, да одговара жртвата, па не е проблем што тие го кршат законот, проблем е што некој изнесол во јавност дека законот е прекршен. Точно е дека во Прилеп имаше сериозни сомнежи дека сме следени, бевме во посета на Прилеп и претседателот на партијата и јас, рече Николоски. 

На забелешката дека Димовски сепак оди за амбасадор во Франција и која е поентата да му се бара оставка, Николоски одговори: 

-Тука има два моменти. Прво однос на избор на директор на АНБ, постапката за избор на директор на АНБ трае шест до седум месеци. Единствената причина зошто досега не е избран нов директор на АНБ е затоа што постои клановска битка пред се во рамки на владејачката СДСМ кој од клановите таму ќе наметне свој директор на АНБ. Еден клан е близок до министерот за внатрешни работи, друг клан е близок до генералниот секретар на партијата, трет клан е близок до поранешниот премиер, четврти клан е близок до актуелниот премиер. Четири клана се борат во рамки на СДСМ кој да наметне директор на АНБ и затоа му го направија тоа понижување на Виктор Димовски да дојде на комисија за контрола на АНБ и АР, да предложи директор за внатрешна контрола и СДСМ, партија на која е член, а бил и функционер, да не му направи кворум на собраниската комисија, што е прв пат во историјата на Собрание мнозинството само на себе да не си прави кворум.

 Во однос на испраќање амбасадор во Франција се надевам дека ќе има доблест и МНР и кандидатот за амбасадор да ја отворат за јавност Комисијата за надворешни работи. Не гледам што има тајно во амбасадорување во Франција, па да заеднички поразговараме дали одговара или не одговара да биде амбасадор во Франција, порача Николоски.

На прашањето дали смета дека можеби македонските служби се под влијание на Русија и дека Русија влијаела Онишченко да добие државјанство, Николоски одговори дека, доколку би сакал да даде одговор што политички ќе одговара најмногу на неговата политичка партија би рекол –  да.

-Но, би кажал што реално мислам, а мислам дека не се под никакво влијание туку се неспособни и корумпирани, рече Николоски.