Николоски: Бугарија има најлошо досие во Советот на Европа


Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување во „Трилинг“ на 24 телевизија, рече дека како  член на поткомитетот за реализација на пресудите на Европскиот суд за човекови права  може да каже дека Бугарија има најлошо досие во рамки на Совет на Европа. Од друга страна од Бугарија бараат  внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

„Кога се разговара за ова прашање, мора да има некој начин на рамноправност, особено во спор кој што по мене е измислен вештачки и ние на ниеден начин не сме го предизвикале ниту како народ, а ниту пак како држава. Ако  Бугарија принципиелно отвора некои прашања, мора и ние да отвориме прашања. На пример, нема во Македонија во моментов активни пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на непочитување на права на Бугарите во Македонија. Меѓутоа има преку 10 активни пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на непочитување на права на Македонците во Бугарија. Обврска на Бугарија како земја членка на Советот на Европа е да ги реализира овие пресуди. Бугарија не ги реализира“, нагласи Николоски.