Николоски: Автопатот кон Кичево не се градеше ни за претходното ВМРО-ДПМНЕ како што се гради сега
Не само сдсмовските министри, туку и сегашниот за одбрана, Владо Мисајловски, кој едно време беше надлежен за транспортот, не знаеле да градат како што тоа го знае Александар Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николски, си припиша екстремни заслуги за сегашнава фаза од изградбата на автопатот Кичево-Охрид, дури омаловажувајќи ја работата и на министерот во владата на Никола Груевски, Владо Мисајловски, со кого сега заедно седи во кабинетот на Христијан Мицкоски.
Николоски дури зборува дека стабилизирањето на косините било најтежок инженерски проект во целиот регион. Изградбата на неверојатниот мост на Пељешац во Хрватска така е претставен како лесен инженерски проект во однос на фараонскиот предизвик со косините кои паѓале од ридот.
Министерот денеска беше во обиколка на деловите каде навистина има голем проблем во изградбата на патот, а за што најмалку пет години од говорницата додека беше опозиција тврдеше дека таму нема никакви предизвици, дека тоа не е тежок проект, туку само неспособност на сдсмовска власт. Со него беа директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски (кој е и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ) и градоначалниците од Кичево и Дебрца.

„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што, за жал, 11 години откако почна да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат“, рече Николоски и освен сдсмовски министри на листата на оние што не ги решавале проблемите на автопатот ги нареди и неговите сопартијци Миле Јанакиески и сегашниот министер за одбрана Владо Мисајловски.
Тој рече дека се решавале 16 косини, од коишто на 14 ќе се стабилизирале со „галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено“.