Николоски тврди: Ќе излезат многу интересни работи за Мијалков


Александар Николоски (Фото: Б. Грданоски)

Во следниот период ќе излезат многу работи за Сашо Мијалков кои ќе бидат интересни за јавноста. Но, истражувањето е работа на обвинителството и тука не планирам да се мешам, вели вицепремеирот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Тој претходно го повика Обвинителството да го испита потеклото на имотот на поранешниот директор на УБК, но од таму доби одговор дека тие не работат по повици, туку по обезбедени докази.

Од Обвинителството му одговорија на вицепремиерот откако тој во интервју ги повика да проверат како се легализирани парите на екс шефот на УБК Сашо Мијалков.

„Јавното обвинителство постапува во согласност со своите законски надлежности и врз основа на евентуално доставени докази за сторено кривично дело или по допрен глас, но не и по повик. Доколку се обезбедат докази кои даваат основ за сторено кривично дело во овој случај, јавното обвинителство секако ќе постапи во согласност со своите надлежности“, велат оттаму.

Вицепремиерот Николоски, во интервју за „Топ тема“ на Телма во средата, рече дека хотелот на локалитетот Горица во Охрид ги има сите потребни дозволи и нема никакво урбанистичко прекршување, но клучното прашање е потеклото на парите – како му се легализирани парите на Мијалков за да може да гради хотели. Хотелот на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје го гради фирмата Дивелоп груп. Сопственик на една третина од Дивелоп груп е фирмата Бест веј инвестмент во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков.

-Од она што го знам од Општината, тие дури и градат во помал габарит од тоа што е таму урбанистички план, што значи дека ним целта не им е тука профит да прават, ним не им е целта тука да прават пари, ним целта тука им е да ги легализираат парите коишто претходно Вилма Русковска им даде шанса да го направат и тоа е клучниот проблем овде. Еве имаме и промени во Обвинителството, нека излезат, нека проверат, да видиме на кој начин тие пари се легализирани, рече тој.

Како што објави Телма, Дивелоп груп го купува земјиштето од Република Македонија во 2011 година на јавно наддавање од Министерството за транспорт и врски. Фирмата на младиот Мијалков влегува во сопствеништвото на фирмата во 2018 година, кога ги презема уделите од Орка Холдинг, кога татко му веќе не е на функција.

Сашо Мијалков во 2022 година призна вина и доби 3 години затвор за перење пари во случајот Империја и му беше конфискуван имот од 36 милиони евра.