Николина Андова-Шопова: Пресреќна сум што имам роман на годината!


Николина Андова-Шопова синоќа во КИЦ ја прими наградата „Роман на годината“ за 2018 на Фондацијата „Славко Јаневски“ за романот „Некој бил тука“, во издание на „Темплум“.

-Одамна размислував да напишам приказна за човек кој е заробен и зависен од просторот во кој се рефлектира неговото минато, детство, стравови, сомнежи… Но секако, ова е само еден од влезовите во книгата, а ги има многу – наталожените слики, мисли, идеи си најдоа совршено место да излезат на површината и да се обликуваат во приказна“, споделува  Андова-Шопова, во разговорот за порталот „Црнобело“.

Кои беа вашите очекувања додека конкуриравте?

-Секако дека имате извесни очекувања и надежи штом конкурирате некаде. Нормално дека посакував книгата да влезе во некој од последните кругови, но искрено, не се надевав на самата награда. Бев среќна кога видов дека романот влегол во потесниот избор за наградата, заедно со некои од моите омилени писатели, но мислев дека тука ќе заврши сѐ. Така што, можете да си го замислите изненадувањето и радоста кога ми соопштија дека јас сум добитничката.

Од која мисла или ситуација се роди романот?

-На ова прашање никогаш немам конкретен или сосема точен одговор, а и самата често си го поставувам. Не можете да бидете сосема сигурни од каде точно доаѓаат приказните, или пак зошто токму тие приказни ве опседнуваат.

Тие доаѓаат непоканети, како некакви натрапници со кои со тек на време се спријателувате и решавате да живеете со нив. Се разбира, откако некоја приказна ќе се насели во вас, вие ја имате моќта да ја (до)обликувате, донекаде да ја водите и стилизирате…

Но, тој процес никогаш не можете до крај прецизно да го испланирате и тоа е она што го прави пишувањето возбудливо. Одамна размислував да напишам приказна за човек кој е заробен и зависен од просторот во кој се рефлектира неговото минато, детство, стравови, сомнежи…

Но секако, ова е само еден од влезовите во книгата, а ги има многу – наталожените слики, мисли, идеи си најдоа совршено место да излезат на површината и да се обликуваат во приказна.

Колку е важно човекот во себе да ги оживува спомените од детството?

-Обично детството се поврзува со невиноста, со оној период од животот кој е најубав, радосен, безгрижен… но јас, ете, не го доживувам баш така. Ова е преголема тема за олку мал простор и затоа ќе се повикам на еден мој стих кој можеби најдобро говори за мојот однос кон детството, оној во кој велам дека детството е најосаменото место во светот.

Иако растев опкружена со љубов и внимание, во семејство во кое владееја сосема нормални односи, мојот однос кон стварноста беше условен од мојот внатрешен, помалку „изолиран“ поглед кон светот.

Главниот лик во романот во детството постојано пребарува нешто низ домот, возбудено ги отвора книгите на возрасните надевајќи се дека пред него „ќе изгрее најголемата тајна на универзумот“ (а иронично – пред него се отвора тетратка со рецепти), го бара „чудото“ дури и во баналниот ритуал на чистењето грашок… го прави истото и како возрасен, буричка низ фиоките во туѓиот стан, воден од истиот немир, во потрага, можеби, по истите одговори…

Јас и немам некој носталгичен однос кон детството, иако често размислувам за него, но не како копнеж за враќање, туку за напуштање.

Кои промотивни настани планирате да ги реализирате во следниот период?

-По официјалното доделување, книгата ќе се промовира и низ повеќе градови во Македонија. Се радувам на тие средби, помеѓу книгата и читателите.