Николина Андова Шопова e добитник на „Браќа Миладиновци“ на СВП за 2026

„Во куќата“ е вонредно талентиран поетски испис на сериозен и зрел автор, вели жирито


Збирката „Во куќата“ од Николина Андова Шопова е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија.

Според образложението на жири-комисијата, станува збор за мала поетска книшка компонирана во два поетски циклуса и своевидна епилошка песна. Вонредно талентиран поетски испис на сериозен и зрел автор.

– Првиот циклус во колибата ја испишува потрагата по него (цврстото засолниште), тоа само се наѕира и насетува, истовремено испишувајќи ја фрагментираностa на поетскиот субјект во реалноста на секојдневието, при што немирот, нецеловитоста, разнебитеноста и невсредиштеноста без вистинско втемелување и тежиште наоѓа вонредно суптилни изрази во многу од песните на првиот циклус, во кои провева, наместа, и грдото лице на актуелните состојби во светот. Вториот циклус „Во куќата“ го испишува откривањето на сопственото средиште во поврзувањето со линијата на претците. Кон него, притоа, кон сеќавањето, приспомнувањето, води и последната песна од првиот циклус, истакна претседателката на жири-комисијата Наташа Аврамовска.

Според неа, секоја од песните на вториот циклус, во ликовите на бабата и дедото, опејани како ликови од некои други спокојнии, митски времиња, особен впечаток остава поетскиот лик на бабата, онаа која комуницира со ветровите, еднакво како и со сопствениот предок во куќата на сопственото тело.

– Небаре нејзиното тело, та дури и во болеста и умирачката да е стожерот на сета градба на куќата. Нема ниту трошка патетика во поетското опејување на цврстата градба на куќата на сеќавањето и паметењето, ниту има случајни и брзопотезни исписи на песните. Секоја од нив, како впрочем и целата градба на книгата е проѕирна, но истовремено во неа се прекршува заемната огледалност на значењата налик на прекршувањето на светлината кај совршено избрусениот кристал, додаде Аврамовска.

Изразувајќи благодарност за укажаната чест и доверба, Андова Шопова, се заблагодари на сите оние поети кои пред неа ја носеле поезијата како тивок товар и како радост.

– Некои од нив се добитници на оваа награда и беа и останаа мои први и трајни поетски училишта. Но, тука сакам да ги спомнам и оние поети кои, ете, во текот на животот не добиле место во големите литературни признанија, но добиле место во нашите внатрешни простори, со по еден стих барем, кој променил нешто во нас, во нашата насока на мисла и на дејствување.​ Дел од овие песни настанаа во периоди на осаменост и на тишина. И сакам да верувам дека преку овие стихови заеднички ќе ја споделиме таа тишина, рече Андова Шопова.

 Николина Андова-Шопова, чиј роман „Некој бил тука“ е прогласен за „Роман на годината“ за 2018 година.

На конкурсот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, пристигнаа вкупно 37 ракописи од 35 современи македонски автори. Во потесен круг за наградата беа книгите „Меко трње“ од Марија Ангеловска (Скопје: ПНВ публикации, 2026, „Во куќата“ од Николина Андова Шопова (Скопје: Бегемот 2026)., „Длабок простор“ од Зоран Анчевски (Скопје: Арс ламина, 2026), „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска (Скопје: Слово, 2026) и „Болна земја“ од Братислав Ташковски: (Скопје: Матица македонска, 2026).

Николина Андова Шопова (1978) е поетеса и писателка од Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет (македонска и јужнословенска книжевност) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Објавила две поетски книги „Влезот е од другата страна“ (Темплум, 2013) и „Поврзи ги точките“ (Темплум, 2014). Нејзината прва книга „Влезот е од другата страна“ е наградена со престижната награда „Мостови на Струга“ во 2013 година, награда што ја доделува УНЕСКО и фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ за најдобра дебитантска книга. Во 2014 година ја објавува втората поетска книга „Поврзи ги точките“, која е објавена и на српски јазик. Во 2016 година, избор од нејзината поезија на англиски, македонски и француски е објавен во издание на Éditions Bruno Doucey, а избор од нејзината поезија е објавен и на словачки јазик. Нејзините песни се дел од неколку антологии на македонската поезија. Преведени се на десетина светски јазици и таа е учесничка на многу поетски фестивали низ Европа. Во 2019 година ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзиниот прв роман „Некој бил тука“ (Темплум, 2018), награда што ја доделува Фондацијата за промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Романот е преведен на српски јазик и е објавен во издавачката куќа „Тречи трг“. Во 2020 во издание на издавачката куќа „Или- Или“ објавена е сликовницата за деца „Кртот Ѕвездан“, а во истата издавачка куќа го објавува и нејзиниот втор роман „Естом“ во 2022 година.