Никола Ристановски наградата од Општина Карпош ја посвети на здравствените работници

Секогаш постојат херои кои никогаш нема да ги дознаеме. Тоа се хероите од болниците! Со целиот мој габарит и искуство, моето признание за заслужен граѓанин на Општина Карпош за 2019 година, го посветувам на сите здравствени работници во земјата. На оние кои се на фронтот во борбата против вирусот Ковид-19, истакна актерот Никола Ристановски при денешното врачување на наградата за заслужен граѓанин на Општина Карпош за 2019 година од страна на градоначалникот Стефан Богоев.

Ристановски го изрази своето задоволство, бидејќи локалната самоуправа ја прогласува медицинска сестра од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Јорда Манасиеска, за заслужен граѓанин на Карпош за 2020 година.

– Овие дискретни херои, но и воспитувачките во градинките, наставниците, фармацевтите, продавачите по маркети, пекарите и хигиеничарите ја заслужуваат најголемата почит на заедницата, истакна Ристановски.

Градоначалникот Богоев, изрази благодарност кон реномираниот македонски актер, кој минатата година прифати да добие вакво признание од Општината. Во текот на денешната средба, Богоев и Ристановски разговараа и за чувствителната ситуација во која се наоѓаат сите граѓани. Културните работници се особено погодени од оваа криза, но дури и во вакви времиња дел од нив создаваат нови дела, а наша обврска е да ги почитуваме домашните артисти.

Општина Карпош, во рамки на одбележување на својот роденден, традиционално го доделува признанието за заслужен граѓанин. Истото не подразбира никаква финансиска поддршка, туку еден вид на благодарност и признание за личности, кои што се важни за заедницата поради својот придонес во различни општествени сфери.