Никола Попоски ја повика ВМРО-ДПМНЕ да оди во опозиција


Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, ја повика ВМРО-ДПМНЕ да оди во опозиција и тоа јасно да им го порача на гласачите.

„Дури и да испаднеше како што најавуваа нашите и да добиевме 57 пратеници, формирање Влада ќе беше тешко. На изгубени избори, не е полесно. Минимум за тоа дека сме ја сфатиле пораката на гласачите е да се држиме до најавеното пред изборите. Во спротивно, следна рунда може дури и бетер да минеме. Ако и сега некој е изненаден, тогаш никој нема да биде. Веднаш да најавиме дека недвосмислено со оглед на исходот, остануваме во опозиција, ќе биде побезболно за членството, отколку да создаваме нереални надежи за да потоа ги разочараме дополнително по кој знае кој пат. Целосно ќе изгубат мотив“, оценува Никола Попоски во колумна за порталот мкд.мк, додавајќи дека  „Не умирај магаре до зелена трева, на рати“ – не е идеална стратегија.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ слабо учи од искуствата, а обидот да се прогласи победа така што ќе се исклучат гласовите на Беса од освоените на коалицијата „Можеме“ го оцени како уривање на идеалите од Илинден.

„Неколку изборни циклуси не победуваме. За партија во која најголем дел е навикната да победува, не е едноставно. Најмногу нѐ критикуваат дека слабо учиме од искуства. Почнаа да нѐ прашуваат дали воопшто сакаме да победуваме. Особено со оглед на бројните констатирани слабости кај противниците. Конечно, сите не прашуваат дали имаме стратегија.

Анкетите прецизно ги предвидоа резултатите (особено оние спроведени повеќе месеци претходно). ДИК и МВР (предводени од ВМРО) завршија горе-долу коректна работа за нивно спроведување, што во наши услови не е лесно. Обвинување кон гласачите за исходот е несоодветно и може само да ги влоши резултатите во следни циклуси.

Толкувањето, пак, дека доколку не се брои една категорија гласачи, имаме подобар резултат, не е само во судир со унитарниот карактер на државата, туку и го руши идеалот на Илинденците, да не говориме за имиџот кој го создава за нас во очи на исклучените, но и кон странците“, вели Попоски.