Никола Димитров во консултации со колегите од регионот

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на својата Фејсбук страница објави дека во последниве два дена телефонски се слушнал со своите колеги од регионот за да разговараат за начинот како земјите да комуницираат во овие кризни времиња со корона вирусот.

„Вчера и денес телефонски ги побарав министрите за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, Албанија, Гент Цакај, Бугарија, Екатерина Захариева, Црна Гора, Срѓан Дармановиќ и Австрија, Александер Шаленберг.

Разговаравме за соработка во насока на обезбедување непречен транспорт на стоките и враќање на затекнатите граѓани низ светот, во матичните земји.

Начелно се договоривме во рамките на националните политики и одлуки, да правиме сѐ’ што можеме, за меѓусебно да си помогнеме во овој исклучително вонреден и тежок период“, објави Димитров.