Никола Димитров се прости од својата мајка Ратка


Со трогателна порака на Фејсбук министерот Нилола Димитров се прости од својата  мајка, Ратка Димитрова, која почина ноќеска на 80 години. Ратка Димитрова беше членка на првиот парламентарен состав на Собранието по независноста, беше координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и основач на Унијата на жени на партијата. Последните години од владеењето на Никола Груевски беше жесток притивник на тогашната политика на партијата и обвинуваше за идеолошко застранување од програмските начела.

„Беше полна со љубов, грижа и чиста енергија, Ратка, моторот на Димитрови. Ведрина, радост и бодрење, поткрепа даваше широкоградо, на толку многу луѓе.

Македонските маки ги доживуваше како да се нејзини лични. Го береше гајлето на нацијата. Блескаше што и да фатеше, од фамилијата, па животниот повик – музиката, до општото, каде имаше само идеали и една чудесна и чиста наивност, толку многу потребна во политиката денес. Синоќа, во последниот повик до татко ми, на крајот го прашала каков бил денот во Собранието.

Со чувство на бескрајна благодарност, исконска љубов, восхит и огромна тага, да ти биде светол патот мајко моја јунак! Се гордеам што сум твој син“, напиша Никола Димитров.