Никола Димитров: Неодговорно е да се патува за туризам


Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вечерва изјави дека е прилично неодговорно во оваа ситуација на светска пандемија со Ковид-19 да се патува во странство заради туризам. Димитров како пример го наведе случајот на нашите туристи на Малта, кои заминале пред пред неколку дена на овој медитерански остров. Бидејќи „Визер“ ги запре летовите од Малта сега се бара начин како нашите туристи да се вратат дома. Димитров изјави дека една варијанта е тие да се вратат со „Туркиш ерлајнс“ преку Истанбул во понеделеник и дека се букираат билетите.

Во интервју што се пренесуваше од СДСМ во согласност со новиот начин на кампањата, тој рече дека има координативно тело во МНР за сите граѓани што живеат овде а се наоѓаат во странство. Но Димитров порача дека личната одговорност е најважна за да се спречи ширењето на вирусот.

Димитров соопшти и дека денеска добил писмо од холандскиот министер Стеф Блок, во кое тој му напишал дека неговата влада целосно се согласува со извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија и дека тоа ќе го застапува на седницата на комисијата за европски прашања на тамошниот парламент на 17 март.

Тој уште изјави дека во вторник ќе има дигитална „посета“ на германскиот министер за Европа, Михаел Рот, која ќе се организира преку Скајп наместо да доаѓа во Скопје. Димитров уште нагласи дека бил почестен што Зоран Заев и СДСМ одлучиле да го стават за носител во Првата изборна единица. „Стратешкиот пат кон НАТО и ЕУ го исчистивме. Следната фаза ни е дома“, изјави Димитров.