Никој во Македонија не побарал дозвола за увоз на лав


За да се увезе диво животно во Македонија, најпрво, тој што ќе го побара тоа, треба да поседува дозвола за извоз од државата од која излегува животното. Потоа, Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за издавање дозвола за увоз на животни. Дополнително, потребна е дозвола за одгледување и хумано третирање на животните, а кај нас таква дозвола ниту е побарана, ниту е издадена, тврдат од МЖСПП за „Независен весник“.

Надлежен за проверка на ваквите појави е Државниот инспекторат за животна средина, кој може да постапува по пријава на граѓани.

Фотографијата, како фотографија со лавче, не е никаков доказ, ниту индиција, сметаат од МЖСПП. Таа може да е направена каде и да е. Без разлика што на едната фотографија се гледа возило се регистрација, сепак тоа не значи дека сопственикот е во градот каде е регистрирано возилото.

Сепак, од МЖСПП уверуваат дека од Државниот инспекторат за животна средина ќе се обидат да го истражат случајот и доколку навистина во Македонија некој поседува мало лавче ќе постапи според својата надлежност.

Кога ќе почне да рика, никој нема да може да го скрие

– Да се поседува лавче дома, во Македонија, е надвор од памет – вели Војо Иванов, вработен во Скопската зоолошка градина. – Тоа е диво и опасно животно. Јаде луѓе. Од она што успеав да видам од фотографиите кои се споделуваат, тоа е истото лавче, а различни луѓе се сликаат со него. Сепак, треба да се знае дека тоа е животно од семејството мачки, а за некој месец, кога тоа животно ќе почне да рика, нема да може да го скриеш никаде – вели Иванов за „Независен весник“.

Да се набави лавче за лајкови на Инстаграм и по социјалните мрежи е потполно неоправдано. – Не е ова „Нетфликс“, ниту пак некој е Тајгер Кинг – па да се шета со лав – вели Иванов. – Во некои американски сојузни држави тоа е дозволено, ама не и кај нас.

Џо Егзотик од серијата „Тајгер Кинг“

Како што појаснува понатаму, увоз на лав може да направи само регистрирана зоолошка градина, а дозвола за зоолошка градина издава Министерството за животна средина, според правилата на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени диви растителни и животински видови CITES.

Реагира и Анима Мунди

Деновиве, на социјалните мрежи се појавија фотографии на луѓе со мало лавче, за кои Иванов вели, тоа се различни луѓе, но животното е исто.

За ова реагираа и од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, од каде бараат одговорност од институциите, бараат истрага од Министерството за внатрешни работи.

„Итно бараме надлежните институции да спроведат истрага и да ги најдат и најстрого казнат сите оние кои во последните неколку дена се сликаат со младенчиња од лав како да се експонати, титули наместо диви животни заштитени со закон! Кој дозволил влез во државата на младеничиња од лав? Кои институции се вмешани во ова бесрамно кршење на закон?“, прашуваат од Здружението за заштита на животни.(Н.В)