Никој од Сојузот не бил повикан да „пропее“


Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски се огласи со соопштение потпишано од потпретседателката Јасна Ерцеговиќ, во врска со, како што наведува, „неоснованите и тенденциозни шпекулации кои се пласираат во медиумите и на социјалните мрежи“.

„Во интерес на остварување на целите, Меѓународен сојуз (МС) стапи во соработка и склучени се договори со две реномирани домашни друштва. На тој начин, за прв пат во Македонија е создадено приватно-невладино партнерство. Паричните средства пристигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на МС и исполнување на договорите склучени со партнерите.

Потенцираме дека хонорарот пристигнат на сметката на Л.Т., еден од координаторите и идеен творец на проектот, веќе беше предмет на истрага на Финансиската полиција и на ОЈО, по што се утврди дека трансакцијата е во рамките на позитивните законски прописи на РСМ и истрагата е сопрена.

Временското одложување и доцнењето на остварувањето на целите на Меѓународниот сојуз се исклучиво од објективни причини, а никако по вина на Сојузот и координаторите на проектите. До денот на издавање на ова соопштение, ниту еден член на Меѓународниот сојуз или лице поврзано на кој било начин со него не е повикан од органите на прогонот на РСМ, а поради наводно незаконито работење“, се наведува во соопштението од Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски.

Од аферата се оградија и од Владата.

„Ни Владата, ни премиерот ниту генералниот секретар не потпишале документ за соработка со Меѓународен сојуз“, тврдат од Владата околу изјавата на Бојан Јовановски дека со премиерот Зоран Заев било договорено да се потпише документ за соработка со невладината организација Меѓународен сојуз.

Медиумите и вчера бараа одговор зошто Јавното обвинителство по рекордно брзата предистражна постапка за аферата „Рекет“ ги игнорира прашањата околу улогата на Катица Јанева во аферата, односно дали таа е само колатерална штета од познанството со првоосомничениот Јовановски или пак е инволвирана во уценувањата.

„Јасно е дека зад започнатиот обид за забошотување на вистината е реагирано доста бргу од некој политички субјект. Се сеќавате дека Јанева на прес-конференција кажа дека не сторила кривично дело. ОЈО никогаш со прст не покажа кон Јанева, туку со ситни зборчиња од нивна страна беше кажано дека таа на спикерфон слушала кога наводно, повторувам наводно, еден од осомничените разговарал со рекетирана жртва. Што се зборувало на тој разговор и што рекла во таа ситуација Јанева, ОЈО не кажа. Ако за ОЈО беше важно да се спомене тој момент, зошто, ако им е чист образот, не кажаа што изјавила или говорела Јанева, туку потоа се скрија од јавноста. Не кажаа или посочија каде и како Јанева се огрешила пред законот. Ако целта беше да се зауздат Јанева и СЈО, тоа се постигна. Со оваа афера е фрлена црна дамка на СЈО, токму во време кога политичарите решаваат за неговата иднина. Ситуацијата засега е нерешена. Единствена опција е Јанева да се повлече од сегашната функција и да се врати на старото работно место, заменик јавен обвинител во родната Гевгелија, а СЈО да се припои кон ОЈО“, вели професорот по право Никола Стојанов.

Јовановски и Милевски се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело перење пари. Во меѓувреме, Јанева замина на одмор, главните субјекти од ОЈО исто се на одмор, како и судската фела. Летен одмор почнаа да користат и политичарите, а сите заедно ќе се вратат по 25 август. На одмор е и обвинителката Русковска која е задолжена за истрагата за случајот „Рекет“. Она што е официјално од истрагата е дека е во тек вештачењето на мобилните телефони и на компјутерите кои беа одземени. Истрагата за „Рекет“ не мирува, тврдат сепак од Обвинителството, додека од Владата порачуваат дека никој нема да биде амнестиран. ОД ВМРО-ДПМНЕ,пак, повторно повикаа на проширување на истрагата не само кон извршителите, како што наведуваат, туку и кон нарачателите и помагачите, кон СЈО, кон сите функционери во СДСМ и кон сите вклучени во тој случај.

За „Дрим билдинг“ аферата не е рекет туку проект

Струшката градежна фирма „Дрим билдинг“ е подготвена да продолжи со проектот за изградба на модерен европски центар за возрасни лица во Карпош, ако има интерес од Владата и градоначалникот Стефан Богоев.

Ова го изјави Ресул Лога, сопственикот на една од фирмите која со тужба си ги бара парите назад од Меѓународниот сојуз на Боки 13-ка. Парите од над 230.000 евра уште лани легнале на сметка на Јасна Мандиќ, потпретседателката на Сојузот, а фирмата ги исплатила преку авторски договор. Не им било спорно тоа што исплатуваат пари на приватно лице, а не на Сојузот бидејќи Мандиќ била наведена како автор на проектот, а тие верувале и сè уште веруваат во проектот тежок 10 милиони евра.

На состаноците покрај Бојан Јовановски присуствувале и главните лица од Сојузот. Убедувањата биле толку цврсти што и по истекот на рокот и тужбата, од Сојузот пак добиле уверување дека работата со сите потребни дозволи за центарот во Карпош е речиси готова, па побарале пролонгирање од 180 дена. До денеска не им вратено ниту едно евро од парите кои ги исплатиле на Мандиќ, а кои сега тие си ги бараат со камата.

Лога вели дека не чувствуваат дека се рекетирани бидејќи имаат договор, па затоа не ни пријавиле рекет во обвинителство. Ниту обвинителството досега не ги побарало за да дадат исказ за случајот „Рекет“.(Н.В.)