Никој не се јавил на повикот за ревизија на спорниот учебник по социологја


Бирото за развој на образованието (БРО) има доставено забелешки за учебникот по социологија за втора година, за кој уште од лани медиумите пишуваа дека содржи спорни тези, до Министерството за образование и наука (МОН) за проверка на содржината на учебниците, за истата таа да се осовремени, со акцент на учебниците во гимназиското образование, со оглед на тоа дека се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година.

Денеска, министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека никој не се јавил на повикот за учество во комисијата која ќе го ревидира учебникот. Затоа, МОН објавило уште еден повик вчера, кој ќе трае до 1 јуни, а Адеми се надева дека ќе се јават заинтересирани кои ќе извршат ревизија на учебникот.

И министерот се сложува дека во учебникот има содржини кои се спорни и вели и на него му пречат, но тоа е законската рамка за повлекување на учебник и негово реиздавање, односно да се формира комисија која ќе ја направи таа ревизија.

Министерството за образование претходно ветуваше дека во планот на Педагошката служба за ревизија на учебниците го има и овој учебник, односно до почетокот на учебната 2020/2021 година неговата содржина ќе биде соодветно измената и по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата.

Дел од содржина во учебникот по социологија за втора година гимназија предизвикува реакции во јавноста. Така во еден дел се вели: „Ако жената е затворена во домот и нема никакви јавни улоги, таа нема можност да прави кривични дела. Жената на тој начин е заштитена од многу комуникации, одговорности, ангажмани, натпревари, конфликти и е упатена да се грижи за семејството, а со тоа помалку е изложена на влијанието на објективните криминогени фактори. Во услови на поголема општествена активност можно е да дојде до поголема криминална активност, особено кај некои видови кривични дела“, како што пишува во учебникот.

Спорните тези беа изложени на силни критики во јавноста и на социјалните мрежи, па граѓаните прашуваа дали „сите жени треба да бидат затворени дома, бидејќи на тој начин помалку ќе прават криминал?!“

На истата страница во истиот учебник пишува и дека прељубата е кривично дело. Реченицата гласи: „Жените во помал обем го извршуваат кривичното дело прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби, кривоклетство“.