Никој не сака да биде поврзуван со Палевски, па ни Мицкоски


 

Христијан Мицкоски прилично невообичаено за неговото политичко однесување вчера одби да одговори на прашањето на новинарите од порталот „Инфомакс“ дали се има сретнато со десно радикализираниот Љупчо Палевски, осомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Мицкоски е познат по тоа што сака да одговара на прес-конференции, дури и да се надзборува со новинарите.

Вчера, во изјавата во Собранието по завршувањето на лидерската средба, Мицкоски се вртеше лево-десно кога беше прашан: „Дали сте се сретнале со Љупчо Палевски, еднаш во вашата канцеларија и два пати дома, бидејќи тој го тврдеше тоа во своите јавно настапи, и за што разговаравте“. Тој на тоа одговори: „Да се задржиме на темата што е денеска на прес-конференција“.

Но имаше следно прашање: „Има сведоци за тие средби. Ќе ни одговорите ли за што се разговараше на тие средби“, по што Мицкоски само одговори: „Ви благодарам, имајте убав ден“ и веднаш си замина.

Љупчо Палевски сега е најстрашниот од најстрашните луѓе затоа што е првооосомничен за ликвидацијата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, и според исказите на тројцата негови соучесници во злосторствата, тој бил оној што ладнокрвно пукал во двете жртви. Никој не би сакал да биде поврзан со Палевски во овие три дена, особено не политичарите.

Во исто време, видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, а и партијата преку соопштенија, бараат одговори од Министерството за внатрешни работи зошто не успеало да го спречи овие трагични настани и поставуваат прашања дали полицијата била премногу зафатена со обезбедувањето на гостите на Министерскиот совет на ОБСЕ кој се одржуваше тие денови.