Никој не го контролирал Игор Спасов додека се лекувал


Ниту една институција не го контролирала осудениот специјалец Игор Спасов додека бил на слобода, односно додека имал прекин на издржувањето на затворската казна поради здравствени проблеми. Единствено имал обврска секој месец да доставува медицинска документација до судијата за извршување санкции во штипскиот суд, неговиот роден град.

Сите институции, сепак, се правдаат дека постапиле законски и, како и за секое бегство на осуденик, вина не сноси никој што го нема осудениот за убиството на Мартин Нешкоски.

Според Законот за извршување санкции, осуденото лице на кое му е дозволен прекин на издржувањето на казната заради лекување е должно секој месец да достави медицинска документација на судијата за извршување на санкциите за неговата здравствена состојба. Судијата може да ги провери околностите наведени во барањето за продолжување на прекинот, а по извршените проверки, врз основа на мислење на здравствениот работник, медицинска документација и мислењето на надлежен јавен обвинител, во најкус можен рок да донесе решение.

До донесување на решението за продолжување на прекинот се известува казненопоправната установа каде што осуденото лице ја издржува казната затвор, дека осудениот се наоѓа на болничко лекување во здравствена установа и за лицето да се обезбеди надзор од припадник на затворската полиција.

Од штипскиот суд за „Независен весник“ објаснуваат дека тие го контролирале неговиот прекин на затворската казна со тоа што го задолжиле секој месец да доставува медицинска документација за неговата здравствена состојба. Официјално никој не открива какви здравствени проблеми имал Спасов, но неговиот прекин бил постојано продолжуван вкупно 14 месеци.

На 18 октомври требаше да се јави во затворот во „Идризово“ и да продолжи со издржувањето на затворската казна, но Спасов одлучил да не се врати. Последен пат требало да достави документација во септември, но не се појавил во судот, а судот не реагирал.

Затворот го известил штипскиот суд дека Спасов не се вратил во затвор дури на 18 ноември и судот потоа издаде наредба за негово приведување. Но полицијата не го најде во неговиот дом, ниту во градот, па судот даде согласност да се издаде централна потерница до Министерството за внатрешни работи.

 Но писмото од затворот „Идризово“ со кое го известува Основниот суд Штип дека на 18 октомври во 12 часот Спасов не се вратил назад по прекинот на казната од здравствени причини, патувало шест дена. Новиот претседател на овој суд, Ѓорѓи Андонов, кој вчера положи заклетва на функцијата во Судскиот совет, не знае зошто дописот толку патувал до судот, но вели дека можеле од затворот да се јават и телефонски на 18 октомври.

Андонов бил и сè уште ќе ја врши функцијата на судија за извршување санкции во Штипскиот суд. Тој вели дека учествувал како судија за извршување санкции во одлуките да му се продолжи на Спасов прекинот на казната откако лекари специјалисти и судски вештаци во неколку наврати го барале и го препорачале тоа до судот. Тој одговори дека последното решение за прекин го дала негова колешка од штипскиот суд, која била дежурна кога стигнало барањето со медицинските препораки.

Адвокатот Ване Андреев, кој го бранеше за време на судскиот процес што се водеше против Спасов, вели дека не контактирал веќе со него и дека не му давал никакви адвокатски услуги откако почнал со издржувањето на казната. Неофицијално, се толкува дека Спасов ќе мора да се врати за неколку дена бидејќи неговото дело не застарува, а тој веќе ја издржа половина од затворската казна од 14 години.

Андреев, исто така, му беше адвокат на премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“. Премиерот очекува истрагата да покаже каде е Спасов, но за него е битно што тој имал право на викенд и право на одмор.

 –Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Институциите постапуваат согласно законот, секако и во делот на правото на кој било затвореник или човек што ја извршува својата казна – правото на викенд и правото за одмор. Постапено е согласно сите процедури. Верувам дека истрагата многу брзо ќе соопшти што се случува односно каде е господинот Спасов“, изјави Заев.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и за сите досегашни бегства што се случија, не е одговорен.

 „При издржувањето затворска казна МВР нема никаква надлежност, тоа е под Министерството за правда. КПД ги донесуваат одлуките по нивни проценки што треба да соодветствуваат на соодветни сознанија дали и во кои услови затворени лица треба и може да бидат привремено пуштани на слобода“, вели Спасовски.

Името на Игор Спасов сега се најде на листата бегалци по кои е распишана потерница на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи. Засега тој се бара со национална потерница, но е на листата со поранешниот премиер Никола Груевски, осудениот за нападот врз пратеникот Зијадин Села на 27 април минатата година кои се бараат со меѓународна потерница.

На истата листа се и обвинетите за масовното прислушување, поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, чие бегство беше прво по доаѓањето на СДСМ на власт. Тогаш Спасовски ги обвини судовите, а по бегството на Груевски обвинителството отвори и истрага за да испита која институција потфрлила. За неговото бегство не е утврдена вина кај никого, а последното образложение на Заев е дека Груевски кога избегал бил слободен човек.

Со почитување на процедурите избега и Никола Војминовски од домашен притвор додека ја чекаше правосилноста на пресуда за нападот на Села. (Ф.Ф.С.)