Никој не бара здравствена книшка за апчиња


Здравствената легитимација би требало да е валиден документ за преглед на пациенти, како и за подигнување на препишани лекови од аптека. Таа е документ кој ги содржи сите информации за пациентите кои им се потребни на лекарите во ординација, но и документ во кој се запишуваат анамнезата, дијагнозата и лекарствата потребни за лекување на пациентот.

Кога се оди во аптека за да се подигнат лековите што ги препишал лекар, нормално е да се покаже здравствената легитимација и да се дадат рецептите со лековите кои му се потребни на болниот. Но, практиката покажува нешто друго. Како што сведочат пациенти, но и нивни роднини кои биле во аптека да подигнат лекови, веќе цела година во нив никој не ја бара здравствената легитимација, туку само рецептите. Потоа следува информација дали ги има тие лекови на рецепт, односно со пониска цена, затоа што одреден процент од цената на лекот плаќа Фондот за здравствено осигурување. Ако ги нема на тој начин, се нуди можноста да го купите лекот на приватно, односно да ја платите целата сума или да проверите во друга аптека. На тој начин се создаде можноста за манипулација со подигнување лекарства.

Пред неколку дена во медиумите беше објавена шемата со злоупотреба на лекови. Па така, матичен доктор препишува рецепти за лекови на свои пациенти кои, на пример, подолго време не се јавиле кај него на преглед. Препишува рецепти за поскапи лекови и самиот или некој друг во име на пациентот на кој му се „препишани“ ги зема во аптека. Потоа лекарствата се препродаваат во земјава или во странство. Ова е шемата според која практично се злоупотребувал Фондот за здравствено осигурување којшто ја плаќа партиципацијата за издадените лекови на рецепт. Најчесто се препишувале поскапи лекови за кои, на пример, Фондот плаќа и по 30.000 денари. Потоа овие лекови завршуваат на друго место, не кај пациентот на кого му биле „препишани“, а и самиот не бил свесен за тоа.

Аферата, без детали, ја објави лично премиерот Зоран Заев, од собраниска говорница, дека лекари и аптеки правеле злоупотреби со фиктивни рецепти, со што го оштетуваат здравствениот буџет. Тој најави дека овие квоти (лекови кои се купуваат на товар на ФЗОМ со доплата од пациентот) ќе се укинат, а пред два дена министерот за здравство Венко Филипче свика прес-конференција на која објави дека во август ќе бидат укинати квотите во аптеките во туристичките места во Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Со тоа почнува укинувањето на квотите во сите аптеки на територијата на цела држава, а ќе се имплементира во септември и во октомври годинава.

Како една од мерките за да се спречи кој и да е да може да подигне лек во чие и да е име, беше најавено дека лекови на рецепт од аптека ќе се подигаат само лично, со лична карта на пациентот. Ова предизвика лавина реакции кај граѓаните, на кои оваа мерка им изгледаше невозможна. Многумина се прашуваа дали ќе треба да земат полномошно или пак ќе треба да имаат заверка на нотар за да можат да ги земат лековите во име на нивниот болен родител или за детето.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека станува збор за комплексен механизам кој вклучува софтверско решение, а во суштина значи следење на лекот.

– Лекот ќе може да го подигне само пациентот за кој е препишан, освен лицата кои се неподвижни, но и за нив има развиен механизам како ќе се издаваат тие лекови, рече Филипче, без да појасни какви се тие механизми.

Но, само еден ден подоцна, министерот се премисли, па на својот фејсбук-профил објави дека начинот на издавање на лековите останува ист како и досега.

– Сите пациенти кои не се во можност лично да отидат во аптека од здравствени причини ќе можат, како и досега, да ги подигнат лековите преку членовите на нивните семејства – пишува Филипче на „Фејсбук“.

Како што појасни премиерот Заев, нивна аспирација е во септември лековите да се пуштат без квоти. Тоа, според него, е сериозен исчекор со кој државата влегува во сериозен ризик, но барем граѓаните ќе имаат лекови. Лекови без квоти, континуирано, секој ден од месецот е стратешкиот план на Министерството за здравство.

Во јануари годинава Министерството за здравство воведе нова распределба на лековите по аптеки, односно создаде можност и помалите аптеки да располагаат со доволно лекови во текот на целиот месец. Сепак, таа мерка не даде резултати на терен, а пациентите и натаму „трчаа“ до аптека во првите денови од месецот, ако сакаа да го набават лекот.

ФЗОМ: Прво лична карта – па лек

Во насока на целосно обезбедување лекови на рецепт кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, што е еден од главните приоритети на Владата, а со оглед на тоа дека повеќе години наназад тоа претставува проблем за нашите осигуреници поради постоење на квоти на аптеките, односно финансиски лимити за аптеки за издавањето на лекови на рецепт од примарната позитивна листа, од Фондот ја информираа јавноста дека презема активности и мерки за укинување на квотите на сите аптеки и за воведување нови контролни механизми при пропишувањето на лековите на рецепт на товар на Фондот во ординациите, како и за нивното подигнување во аптеките со увид во личниот документ за идентификација (лична карта или пасош) на лицето кое го подигнува лекот.

– Лекот на рецепт во аптеката осигурено лице може да го подигне само доколку се идентификува со лична карта односно пасош. Во случај кога осигуреното лице од здравствени или други причини не е во можност лично да го подигне лекот во аптеката, лекот на рецепт во негово име може да го подигне друго лице кое треба да се идентификува со своја лична карта, односно пасош, соопшти Фондот.

Појаснуваат дека овие заложби треба да овозможат достапност на лекови на рецепт во текот на целиот месец, а не како досега, кога заради исполнетите квоти по одреден ден во месецот, аптеките остануваа без лекови за осигурениците.

Моделот на аптеки без квоти почна со примена како пилот-проект во август, во 43 аптеки кои се лоцирани во туристичките центри на територијата на подрачните служби на Фондот во Гевгелија, Охрид, Ресен и Струга и тоа во Нов Дојран, Охрид, Пештани, Крани, Царев Двор и Струга.

Напоменуваат дека до моментот на целосно укинување на квотите на сите аптеки, во август, во овие пилот-аптеки издавањето на лековите на рецепт ќе се врши како и досега.

Билјана Богдановска