„Никогаш северна…“ повторно го раситнува десничарскиот табор


Додека врвот на ВМРО-ДПМНЕ навестува дека одбраната на старото уставно име и нападите на Преспанскиот договор ќе бидат основа на кампањата на претстојните избори, „Македонски концепт“ најави учество на изборите

 

Додека ВМРО-ДПМНЕ повторно  ја засилува кампањата против Преспанскиот договор, во десничарскиот табор, во пресрет на изборите, се случува ново раслојување, по слична линија како  за време на референдумот за името и кога се носеа уставните амандмани. Членови на т.н. реформско крило во ВМРО-ДПМНЕ, кои во тој период беа дистанцирани, разрешени или пак исклучени од партијата, сега најавуваат учество на парламентарните избори преку граѓанската платформа „Македонски концепт“.

За таа цел  е објавен „Граѓанскиот манифест“, кој ги одредува столбовите на идното политичко делување, како заложбите за нормална држава, за фер општество, за европеизација, за деидеологизација, за одговорно управување, за слободен човек, за законитост, за правдина, за политички дијалог…

„Ќе понудиме нови идеи, нови проекти кои ќе ги решаваат проблемите, ќе пркосат на личните интереси, проекти чија реализација ќе значи ефективно и ефикасно решение, а не политичка импровизација или манипулација “, најави Петар Богојески, промоторот на „Македонски концепт“.

Тој беше разрешен од функцијата заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2018 година, откако претходниот месец силно се залагаше за излегување на референдумот за името, наспроти неговата партија, чие раководство на чело со Христијан Мицкоски, практично, се определи за бојкот.  Сега врвот на ВМРО-ДПМНЕ, со серија потези, навестува дека одбраната на старото уставно име, односно нападите на Преспанскиот договор, ќе бидат основа на кампањата за десничарската партија на претстојните избори.

Рашела Мизрахи не е единствената која во последниот период јавно го промовираше старото уставно име на државата, а го негираше новото,  поради што и беше разрешена од местото министерка за труд и социјална политика. Откако ВМРО-ДПМНЕ не го опструираше премногу разрешувањето на Мизрахи, која со тоа доби статус на жртва, сега на големо се зборува дека е можно таа да биде носител на една од изборните листи на партијата. Во меѓувреме, потпретседателите на партијата Александар Николоски и Владимир Мисајловски снимија спотови во кои провејуваат и пораки во стилот „Никогаш Северна, секогаш Македонија…“, додека други партиски функционери се сликаат со знамето со 16-кракото сонце…

Мицкоски пред неколку дена ги расчисти дилемите околу тоа дали и ВМРО-ДПМНЕ може да коалицира со партија од албанскиот блок, по примерот на СДСМ со Беса. Мицкоски рече дека во предизборната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ ќе нема партии од албанскиот блок, додека, пак, на ТВ-дуелот со Зоран Заев, се пофали дека неговата партија била единствена македонска партија во земјава. Мицкоски остави простор по изборите (во случај на смена на власта), да разговара со сите партии за формирање на коалиција врз програмски основи, иако е прашање која од парттите од албанскиот политички камп би прифатила коалиција која би водела политики на негација на договорот од Преспа, кој и го обезбеди членството во НАТО на нашата земја, а без кој државата немаше да стигне ниту до стадиум во кој се чека одлука за почеток на преговори со ЕУ.

За разлика од ланските претседателски избори, кога струите во и околу ВМРО-ДПМНЕ, главно, се обединија во поддршка на кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова, овој пат процесот е обратен. Независно од тоа дали субјектите кои премиерно ќе се испробаат на изборниот терен ќе успеат да го пробијат неформалниот изборен праг, дефиниран од изборниот модел кој ги форсира големите партии, очекувано е дека тие ќе раситнат дел од гласовите на десничарски настроеното гласачко тело.

Со оглед на тоа што „Македонски концепт“  не е регистриран како политичка партија, во наредните денови ќе треба да се соберат по илјада потписи во изборните единици за кои би имало кандидатски листи за пратеници. Рокот за собирање потписи истекува на 6 март на полноќ.

Во подрачните единици и одделенија на ДИК веќе се собират потписи за шест листи предложени од „група избирачи“. Меѓу подносителите на овие листи има имиња кои во изминатите години силно се противеа на Преспанскиот договор, но и на формирањето влада на СДСМ и ДУИ, како Емилија Гелева, Исмаил Бојда  или Горан Тасковски, кој деновиве во Охрид ја промовира платформата „Македонска независна листа“, чија цел, како што рече е „враќање на државата во рацете на народот, враќање на името и знамето на државата, окончување на вештачката творба ’Северна Македонија‘, враќање на првиот меѓународно признаен устав на државата од 1991 година,  раскинување на сите досегашни штетни договори“.

Останува неизвесно и како понатамо ќе се позиционираат и дали и како ќе продолжат со политички ангажман пратениците кои во октомври 2018 година беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, откако учествуваа во првото гласање за уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор. Тогаш беа исклучени или разрешени и други партиски функционери, така што не е исклучено и дел од нив да пружат логистика за „Македонскиот концпт“ на изборите.   (Н.В.)