Никарагва ослободи 222 политички затвореници и ги депортира во САД
На опозициските фигури им е одземено и државјанството на Никарагва со образложение дека биле „предавници“
Никарагва ослободи 222 од 245 опозициски затвореници што ги држеше затворени.
Ослободените затвореници, кои се критичари на претседателот Даниел Ортега, беа депортирани во САД.
Американскиот Стејт департмент го поздрави потегот, за кој рече дека е направен „еднострано“ од владата на Никарагва.
Меѓу ослободените има и опозициски политичари кои планираа да се кандидираат против Ортега на изборите во 2021 година, но кои беа затворени во тој период.
Со своите најжестоки противници во затвор, Ортега освои четврти последователен мандат на изборите. Тој е на власт без прекин од 2007 година.
Во интервју за американската мрежа на шпански јазик Телемундо, американскиот претседател Џо Бајден рече дека не знае дали тоа значи дека Никарагва е подготвена да ја промени својата политика за човековите права, но рече: „Среќни сме што ги примаме и мило ми е што се надвор.”
Ортега на локалната телевизија изјави дека ослободените затвореници биле „агенти“ на странски сили и се обидувале да го поткопаат националниот суверенитет. „Нека ги имаат своите платеници“, рече тој, цитиран од новинската агенција Ројтерс.
Никарагванските опозициски извори рекоа дека на ослободените им е одземено никарагванското државјанство и официјален претставник на никарагванското правосудство ги опиша како „предавници“ кои биле депортирани.
Меѓу затворениците беа ослободени и лидерот на опозицијата Хуан Себастијан Шаморо и поранешниот кандидат за претседател, Феликс Марадијага, кој рече дека дознал дека му е одземено државјанството набргу по пристигнувањето во САД.
„Ќе бидам Никарагванец до денот кога ќе умрам. Сè уште ќе ја сакам Никарагва, не само како земјата во која сум роден, туку и како земја што сакам да има демократија“, им рече тој на новинарите.
Администрацијата на Бајден, која ги опиша изборите во Никарагва во 2021 година како „пантомима“, вршеше притисок врз владата на Никарагва да ги ослободи затворениците. САД соопштија дека тие биле произволно приведени.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека САД помогнале да се организира нивниот чартер лет до аеродромот „Далс“, во близина на Вашингтон.
„Некои од овие лица поминаа години во затвор, многумина од нив поради остварување на нивните основни слободи, во ужасни услови и без пристап до правична постапка“, се вели во соопштението.
Меѓу ослободените се и членови на влијателната фамилија Чаморо, која долго време се противи на владата на претседателот Ортега.