Нигерија: Пронајдените робови сведочат за безмилосната тортура


Преживеаните од т.н. куќа за мачење, од каде минатата недела нигериската полиција спаси 300 луѓе, повеќето деца, кои биле врзани со синџири и заробени во зграда во градот Кадуна, велат дека живееле во нечовечки услови.

Тие беа ослободени од исламско училиште, а во врска со инцидентот беа уапсени седум лица, меѓу кои и наставници. Некои од жртвите биле мачени и сексуално злоставувани.

– Ако се молиш – ќе те истепаат. Ако учиш – ќе истепаат, изјави за Би Би Си 29-годишниот Иса Ибрахим.

Според репортерот на Би Би Си можно е слични злоставувања да се случуваат и во други исламски училишта и поправни домови.

Многу семејства, во овој претежно муслимански дел од земјата не можат да си дозволат да ги испраќаат своите деца на училиште, а и оние кои можат често ги запишуваат во институции како оваа, објасни новинарот на Би БИ Си..

Натписот на влезот во зградата го опишува како „Центар за исламски учења на Ахмад бин Хамбал“, но исто така се користи како место за едукација на младите мажи со проблеми во однесувањето.

Ибрахим опишува дека бил врзан за стар генератор и оставен да виси од таванот и бил подложен на посебно сурово казнување, познато како „Таркила“.

– Имам многу повреди. Речиси на сите делови на телото имам повреди. Дури и кога спиете, тие ве будат со ќотек, појасни Ибрахим.