Ниедна вакцина во земјава не е примена во препорачаните 95 отсто


Фото: Б. Грданоски

Препорачаниот опфат над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во Македонија и неопходно е да се подигне нивото на здравствена едукација кај популацијата, за да се знае оти токму вакцинацијата превенира многу болести. Ова е заклучокот од брифингот со новинарите насловен „Редовна вакцинација на децата – факти и дезинформации“, на кој учествуваа националната координаторка за имунизација проф. д-р. Александра Грозданова и д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести.

Регистрираниот опфат за примарната имунизација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), Хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ.

Потребно е службите за вакцинација да ги најдат неевидентираните, невакцинираните и нецелосно вакцинираните, за тие веднаш да бидат повикани во вакциналните пункови, апелираат здравствените власти, нагласувајќи дека е неопходна интензивна кампања Скопје, Куманово, Тетово, Битола и во Струмица.

Претставената анализа е изработена од фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамки на проектот на УСАИД И УНИЦЕФ, во соработка со Министерството за здравство.

За значењето на вакцините говореа и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, како и комуникологот и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми Бојан Кордалов.