Ние во периметарот на Трамп, Украина во ЕУ во 2030

Македонија изгледа дека сама се исклучува од европските работи. Таа ги фрли сите карти во американскиот шпил и чека некакво чудо од таму


Европските лидер во периметарот на Зеленски за време на самитот во Киев

 

Понеделникот 24 февруари беше еден од поконфузните денови во македонската стратегија за надворешната политика. Додека премиерот Христијан Мицкоски повторно ги кажуваше приказните за средбите со луѓе од „блискиот периметар“ на американскиот претседател Доналд Трамп во Киев беа 13 лидери на Европската унија, 22 еврокомесари од 27 и канадскиот премиер Џастин Трудо. Овој „самит“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски беше посветен на мрачните три години од целосната руска инвазија на Украина, која донесе голема војна на територијата на Европа за прв пат по Втората светска војна.

Во исто време во Скопје, премиерот Мицкоски комплетно неочекувано изјави дека Македонија решила да ја напушти групата земји каде беше целата ЕУ, која на 18 февруари ја поддржа резолуцијата на Украина во ОН за трите години од руската агресија. и да се приклучи на резолуцијата на САД во која Москва не се споменува како агресор.

„Така одлучивме“. Вака суво ја опиша Мицкоски драматичната промена на правецот во надворешната политика на Македонија. Кој одлучил? Како? Во кој состав? Дали Владата? Дали неколкутемина што беа на конференцијата на американските конзервативци? Дали претседателката на државата, која има надлежности во надворешната политика, била воопшто консултирана?

Премиерот не соопшти врз кои основи било одлучено да се напушти единствената надворешна политика на ЕУ со чија усогласеност Скопје толку многу се гордее. Но се надеваше дека таа резолуција на САД во Генералното собрание ќе добие мнозинство. Најпосле излезе „дупло голо“. Македонија гласаше воздржано за резолуцијата на Украина, поддржана од ЕУ (единствена од Западен Балкан, другите беа за), а резолуцијата поради која ѝ го сврте грбот на Унијата беше толку изменета со амандмани, што за неа не гласаше ни нејзиниот предлагач – САД. Македонија и овде беше воздржана. Важно беше во периметарот на новиот Вашингтон. И во некоја далечна орбита на ЕУ.

Додека овде без некоја особена потреба се оди „бос по пеколот“, во Киев вчера на Украина ѝ беа отворани европските порти.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата на самитот рече дека Украина би требало да влезе во Европската унија пред 2030 година – во рамките на нејзиниот сегашен мандат како шеф на извршното тело на Унијата.

Пристапувањето во ЕУ доаѓа со бројни правни и демократски пречки, кои владата на Украина се обидува да ги отстрани. Фон дер Лајен го пофали напредокот на Украина кон постигнување на нормите на ЕУ. „Навистина ја ценам политичката волја што постои. Јас би рекла дури и процес заснован на заслуги на Украина. Ако продолжат со таа брзина и со таков квалитет, можеби би можеле да бидат порано од 2030 година“, рече таа.

Повеќето од лидерите – 13 од нив, вклучително и фон дер Лајен, присуствуваа лично на самитот, додека други 24 се приклучија преку Интернет – нагласена обновена поддршка за Украина, тврдејќи дека се подготвени да објават дополнителни пакети помош и повторувајќи дека Киев не може да биде изоставен од разговорите за неговата иднина. Фон дер Лајен објави дека ЕУ ќе додели 3,5 милијарди евра за Украина во март; шпанскиот премиер Педро Санчез вети пакет од 1 милијарда евра, а канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо исто така најави дополнителна помош.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која по втор пат за кусо време беше во Киев, на заедничката седница на Европската комисија и украинската влада рече: „Ние сме посветени кон тоа како Украина да постигне значителен напредок што е можно побрзо и работиме со полна брзина на отворање на пристапните преговори по кластери веќе во првата половина на 2025 година“.

И додаде:

„Има уште голем број чекори што треба да се преземат, но се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме Кластерот 1 – Основни вредности, Кластерот 2 – Внатрешен пазар и Кластерот 6 – Надворешни односи уште за време на полското претседателство, кое трае до крајот на јуни. Потоа имаме уште половина година за да ги отвориме останатите три, но за тоа мора да работиме напорно и од двете страни“.

Во истото време во Брисел европските министри за надворешни работи на својот состанок се договорија за пристапот на Украина во роаминг зоната на ЕУ, отворајќи го патот за формално гласање подоцна оваа година. Политиката на ЕУ за роаминг е значајно достигнување на политиката што му овозможи на секој граѓанин на ЕУ, од јуни 2017 година, да патува низ ЕУ без дополнителни трошоци за СМС, ММС, повици или пристап до интернет.

Пристапувањето на Украина во областа за роаминг се очекува да биде официјално потврдено на почетокот на јули со одлука на Советот одобрено за време на Советот на министри на ЕУ во неговата трговска конфигурација.

Покрај тоа, ЕУ го усвои својот шеснаесетти пакет санкции и воена помош за Украина истиот ден.

Назад во Киев неизвесноста околу посветеноста на САД кон Украина и безбедноста на Европа лебдеше во текот на целиот самит. Неколку учесници отворено се загрижени дека поранешниот најголем сојузник на Европа се врти кон Кремљ.

Чешкиот претседател Петр Павел потсети на Минхенскиот договор од 1938 година, потпишан меѓу Велика Британија, Франција, фашистичка Италија и нацистичка Германија со кој Чехословачка мораше да ѝ ги предаде Судетските области на Германија. И со тоа Германија не беше задоволна, па ја окупира цела Чехословачка и потоа ја нападна Полска со што почна Втората светска војна.

„Нема сомнеж дека крајната цел е да се избрише Украина. Сите сакаме траен мир, а не мир по секоја цена“, рече тој преку видео врска. „Овој мир се гради со понижување на жртвата – награда за агресија. Знаеме какво е чувството на предавство. Имавме такво искуство во 1938 година. Мора да има јасно препознавање кој е агресор, а кој жртва“.

Додека македонските власти се фалат дека се во периметарот на Трамп и први го фатиле редот, на самитот во Киев преку видео врска учествуваше и албанскиот премиер Еди Рама. И имаше едно од позабележителните излагања.

„Долго време бевме на американски автопилот. Сега тој автопилот е исклучен и никој не знае колку време. Верувам дека е време за подлабоко размислување, наместо да се фокусираме само на воената поддршка и трошоците за одбрана. Се разбира, овие се неопходни, но можеби не се доволни“, рече тој.

Рама додаде и дека е во комуникација со Зеленски околу напрегнатиот развој на настаните и притисокот од САД:

„Она што вчера го споделив со Володимир во нашиот разговор, би сакал да го споделам и со вас. Според моето разбирање, Европа мора да воспостави широк дипломатски фронт, вклучително и Обединетото Кралство, Турција и се разбира, Европската унија, и да усвои јасен став. Јасен став, бидејќи се плашам дека продолжувањето со истата реторика – особено во западниот дел на континентот – можеби нема да биде одржливо кога ќе се соочиме со променливо јавно мислење. Во меѓувреме, гледаме дека САД и Русија се движат кон договор, додека Украина е исклучена или принудена на неправедна позиција“.

Македонија изгледа дека сама се исклучува од европските работи. Таа ги фрли сите карти во американскиот шпил. Не знаеме дали министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, конечно се врати дома. На 6 февруари замина за Австралија, па Минхен, па се шеташе со премиерот по Вашингтон на конференцијата на конзервативците и по кафетерии, па вчера во седиштето на ОН во Женева, додека во Европа врие како во лонец. Но тоа вриење изгледа нас не може да нѐ зафати, ние сме во периметарот на Трамп и први сме загосподариле со теренот.

Додека стоиме во тој периметарот, Црна Гора, а веројатно и Албанија, ги имаат сите шанси да влезат во ЕУ во 2028. Украина и можеби Молдавија во 2030. Ние веројатно уште ќе зборуваме за некој периметар и ќе си проколнуваме сопствената судбина.