Ние сме заедница – во сабота, третиот Слоу Фуд салон со изложувачи од цела Македонија


„Ние сме заедница – е мотото на третиот Slow Food Салон кој ќе се случува на 9 ноември во х. Лимак, и е поврзан со луѓето, сплотеноста, градењето и обединувањето.

На овој најголем настан ќе биде целата мрежа на Слоу Фуд:производителите, готвачите, младите, експертите, волонтерите, едукатирите…., ќе има бои, вкусови, насмевки и енергии а локалните производи ќе бидат на пиедестал.

Слоу фуд Македонија во своите редови ги има најдобрите производители кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна: ќе има околу 70 изложувачи од цела Македонија, традиционални, вкусни и мераклиски производи: ќе има домашен ајвар, лутенка, пинџур, мед, џем, разни видови сирења и кашкавал, сувомеснато чадено на дрва, слатко од смокви, домашни јуфки и малака, производи од тартуфи, домашни сокови, сушено овошје, галички чај…, ќе се пробуваат вина од мали семејни винарии, дестилерии и занаетчиски ракии.

Настанот трае од 12 до 20ч, а во тој период ќе се случуваат мастер класови и работилници за вкус, конференции посветени на малите производители и едукацијата во Слоу Фуд, семинари, катчиња и едукација за деца…Ќе биде интересно и многу вкусно дружење.

Slow Food салон 2024 се организира со поддршка на шведската организација We Effect и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.