Ние и војната во Украина: во кој свет живееме?
Каков глобален поредок ќе се изроди во светот по војната во Украина? Има три главни агенди насочени кон преобликување на меѓународниот поредок
Кон средината на деведесетите Самјуел Хантингтон предвиде дека во новиот постсоветски свет ќе се изнедрат два вида конфликти и тоа: микроконфликтите кои би се фокализирале околу териториите и макро конфликтите иницирани од идеологија и геополитичката контрола.
Нема сомнеж дека во Украина се продлабочени овие два вида конфликти. Микроконфликтот помеѓу Русија и Украина се изразува низ војната за територии (Крим, Донбас, Запорожје, Херсон…) Овие региони имаат и геополитичко и стратешко-економско значење. Макроконфликтот е многу позначаен, бидејки се работи за судир на идеологии по амбициите на Украина за влез во Европската унија и НАТО. Западните аналитичари велат дека руската агресија е всушност агресија на автократијата против демократијата. За руските и кинеските аналитичари судирот се толкува како судир на заговорниците на мултилатерализмот против американскиот унилатерализам. Затоа не изненадува и констатацијата на поранешниот француски премиер, Де Вилпен дека „војната во Украина актуелизираше други латентни ривалитети“. На пример суптилно се афирмира ривалитетот меѓу блок-држави кои се за зачувување на сегашниот светски поредок од 1945 и оние кои се за ревизија, мултилатерализам и можна деглобализација на светот (Русија, Кина, Индија, БРИКС…)
Најзначајниот ривалитет е оној помеѓу Кина-САД, кој отпочна со еконската војна и амбициите на Кина да ја загрози хегемонијата на САД како нова глобална империја. Пекинг се воздржа од осудата на руската агресија и четрикратно ја зголеми трговската размена со Москва. Кина прерасна во најзначаен геополитички и стратешки предизвик за САД и сојузниците. Метеорскиот раст на кинеската економија и нејзината воена самоувереност во азиско-пацифичкиот регион како и бројните (геополитички) фараонски потфати, но пред сѐ перманентниот извоз на микропроцесори кои ги користи руската армија во Украина, предизвикаа силна реакција и на НАТО за време на Самитот во Вашингтон. Во Декларацијата на Самитот, Кина беше посочена како држава која „ја фаворизира војната во Украина“. Згора средбите на највисоко ниво на рускиот и кинескиот лидер, како и присуството на кинески воени сили во Белорусија значително го зајакнаа воениот синкретизам кон Кина.
Реалистичен светски поредок
Војната во Украина и санкциите ги прекинаа синџирите на светската трговија, финансиските текови и глобализацијата. Деглобализацијата го започна својот марш. Глобалното општество, глобалната економиоја и технолошката глобализација се деглобализираат со тенденција кон регионалната глобализација. Војната предизвика огромни економски и финансиски шокови на пазарите на стоки, цените на нафтата, на гасот, пченицата, земјоделските ѓубрива. Промените го намалија растот на глобалниот БДП, придружен со тешка рецесија и пораст на глобалната инфлација. Најголемиот кинески идеолог Џијанг Шигонг, едвај дочека да констатира дека „отпочнала ерозијата на американскиот модел од времето на студената војна“.
Моделот на либералната демократија кој излезе како победник од Студената војна, се потпираше на две оски: демократијата и пазарната економија. Во пресрет на XX Конгрес на КП на Кина (2022), Шигонг истакна дека визиите на Френсис Фукујама кој ги разви економските димензии на американската хегемонија и на Збигњев Бжежински, кој ја афирмира геостратешката и hard power супериорност на САД биле истрошени. Францускиот геополитичар Мишел Фушер коментираше дека таквите размислувања биле инфантилни, идеолошки и несериозни.
Евидентно е дека светот по војната во Украина ќе продуцира една поинаква парадигма со различна меѓународна ДНК: Конечниот исход што ќе резултира по создавање на новиот светски поредок. Француската аналитичарка Никол Гнесото го нарекува реалистичен светски поредок. Овој поредок би го диктирале три или четири големи сили согласно нивната економска и воена сила. Дали светот се движи кон нов, поурамнотежен поредок или лажен мултиполарен, биполарен или аполарен – или едноставно кон афирмација на стариот униполарен поредок во кој доминираат САД ?
Во оваа насока се актуелизираат три главни агенди насочени кон преобликување на меѓународниот поредок. Првата е онаа на САД, кои се обидуваат да ја продлабочат својата позиција на хегемонија на врвот на светскиот поредок и да го одржи сегашниот светски поредок конституиран во 1945. Таквата проекција се потпира на евро-атлантизмот, на ЕУ на НАТО, но и на сојузниците на глобалната Алијанса.
Втората агенда е онаа на Русија и нејзината главна цел е да го прекине продорот на НАТО до нејзините граници (Украина, Грузија) и да ги задржи русофонските украински територии и Крим. Но напоредно се критикува американскиот унилатерализам и геополитичката стратегија на ЕУ и се нуди мултилатералната агенда. Третата агенда е онаа на Кина која цинично настојува да прерасне во доминантна светска сила покрај САД и да го трансформира повоениот меѓународен поредок.
Сојузот на тоталитарни и авторитарни држави – меѓу кои највлијателни се Кина, Русија, Иран и Северна Кореја – се перципираат себеси како вистински претставници на Југот. Се обидуваат да наметнат нов авторитарен светски поредок заснован на hard power policy. Желбата да се создаде авторитарен светски поредок, лажно наречен од страна на овие држави како „мултиполарен“, не значи ништо друго освен транспонирање на нивниот репресивен внатрешен поредок на меѓународно ниво. Тоа е поредок заснован на правото на најсилните, во кој главни арбитри се големите сили во отворен конфликт со колективниот Север, кој го брани поредокотг заснован на правилата на меѓународното право интегрирани во Повелбата на ОН, смета професорот Ренео Лукич.
Можни сценарија на војната
Украина и Русија уверени се во победата и стравуваат од поразот. Поразот на Русија би резултирал со пад режимот на Путин и можеби со распаѓање на државата. За Украина, поразот би означил крај на нејзината целовитост. Крај за излез на Азовско море и загуба на Крим и Донбас. Воедно тоа би било и големо понижување на НАТО. Поразот на Украина би ја поттикал Русија и другите актери како Кина, да започнат дополнителни агресии. На пример, не е исклучено дека Кина би можела да го нападне Тајван до 2027.
Второто можно сценарио е она кое се врзува за искуството на Маршал Манерхајм (премиер на Финска од 1940) во војната против СССР во 1940. За да го зачува суверенитетот на Финска и го прекине огромниот број на човечки жртви од двете страни, Манерхајм решил остапи неколку стратешки територии на СССР. Набљудувано од аспектот на војната во Украина, тоа би значело или присилната поделба на територијата или изнаоѓање некоја мировна солуција за сметка на жртвување на дел од украинската територија, теза која ја разви и Борис Џонсон, Доналд Трамп, а за која сонува и Путин.
Третото можнео сецнарио е сценариото на неконтролирана ескалација, сè до нуклеарна војна? Австралискиот историчар Кристофер Кларк покажа како со помош на „синџирот на емотивни одлуки“ избувнала Првата светска војна, без ниту еден актер однапред и по секоја цена да бара војна. Овој страв од неконтролирана ескалација без сомнение делумно ја објаснува претпазливата политика на Германија кон руско-украинскиот конфликт, почнувајки од Ангела Меркел сѐ до Олаф Шолц. Сценариото на ескалација се храни од воинствените и недоменрените говори и идеи на разни експерти, генерали, политичари. Вербалното наддавање ја создаваат вистинската „реторичка замка“ односно „Замката на Тукидид“ која когнитивно влијае врз ескалацијата во однесувањето на актерите поради заемниот страв и предизвиците кои ги тераат на воен судир. Слична психолошка драма предизвикал ривалитетот помеѓу Спарта и Атина, кој резултираше во жесток воен судир.
Западен Балкан како влог на војната
Војната во Украина создаде нова геополитичка димензија за Западен Балкан. Ова не е време за романса, бидејки е итна потребата од економско закрепнување, зајакнување на воената и дипломатска агилност, пред се во рамките на НАТО, но и во регионот. Државите на Западен Балкна се присилени да се справуваат со сите прашања кои произлегуваат од украинскиот конфликт, да осмислуваат долгорочни стратегии и да пристапат кон ригорозен избор на неопходните приорите.
Западен Балкан е регион каде ништо не е едноставно, смета професорот Жорж Превелакис. Војната во Украина уште повеќе ја усложни геополитичката состојба на Западен Балкан. Од самиот почеток на посткомунистичкиот период, кога падна Берлинскиот зид, синдромот на кризите на Балканот е присутен и тој постојано се негува од страна на разни политички гарнитури.
Во државите на Западен Балкан постојат три вида потенцијални ривалитетиа кои генерираат нестабилност. Пред сѐ, во рамките на мултиетничките држави национализмот, меѓуетничкиот екстремизам, организираниот криминал и кроупцијата се главни носители на дестабилизацијата. Потоа наследствата од минатото кои сѐ уште создаваат тензиите меѓу поранешните југословенски федерални единици, ги мобилизираат безбедносните механизми, ги тормозат етничките заедници и креираат ативистичка зависност кон реваншизмот. Конечно, третиот вид тензии се однесуваат на принципот на добросоедство на аспирантите со членките на ЕУ. Уценувачките каприци на државите членки ги условуваат аспирантите со бројни бласфемични критериуми кои се далеку од ЕУ критериумите од Копенхаген.
Дали геополитиката е главниот виновник? Геополитиката вклучува анализа на ривалствата меѓу (големите) држави и нивното влијание врз народите кои живеат на дадената територија. Западен Балкан не припаѓа на областа на Светското срце – одноносно Хартленд , или на Евро-Азија за кои пишуваше Халфорд Макиндер. Западен Балкан во геополитиката се третира како помалку атрактивна зона на европскиот Римланд чиј родоначелник е Николас Спајкман.
Независно од постојните поделби руската инвазија на Украина ги подели земјите од Западен Балкан по еден нов критериум. Република Српска отворено го поддржува Путин, Србија делумно го поддржува Путин. Трите членки на НАТО (С. Македонија, Црна Гора и Албанија), како и БиХ и Косово официјално ја поддржуваат Украина. Неофицијално, дел од јавното мислење во С. Македонија и во Црна Гора е или поделено или отворено за Путин. Албанците од Западен Балкан ја поддржуваат Украина. Таквата ситуација создава поволен простор за агресивната руска политика на мека моќ. Рускиот геополитичар Корбико смета дека „на Балканот се води студена војна меѓу заговорниците на униполарниот свет на САД и мултиполарниот свет (Русија и Кина). Корбико смета дека транснационалните проекти на Русија и Кина кои ќе значеа спас за Балканот, ги оневозможува Западот. Затоа членството на Западен Балкан во ЕУ и НАТО може да претставува безбедносна гаранција и да овозможи мирен и заеднички живот за сите народи во регионот. Меѓутоа како што истакнува старата балканска поговорка „Балканот секогаш може да ни приреди непријатни изненадувања“.
(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)