Ние го прогласивме Кирил Пејчиновиќ за светец, во Софија за Бугарин

На денот кога Кирил Пејчиновиќ беше прогласен за светец од страна на поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г. г. Стефан во Преподобен Св. Кирил Лешочки во саботата, бугарските компјутерџии атакуваа на интернет енциклопедијата Википедија. Оваа најнова етапа на безмилосна бугаризација го зафати и идниот македонски светец Кирил Пејчиновиќ прогласувајќи го за бугарска верска фигура.
Во информациите објавени од бугарските интернет ботови на англиската верзија на Википедија, која сега е насилно изменета, стои дека тој е основоположник на модерната Бугарија и дека е една од историските личности кои низ времето се занимавале со промовирање и на раната бугарска ренесанса. На Википедија исто така стои запишано дека Пејчиновиќ го бранел „македонскиот“ идентитет, говорејќи на бугарски јазик во рамките на неговата татковина Бугарија.
Инаку, со свечена академија, одржана на платото пред Музејот на тетовскиот крај,викендов беше одбележана 250-годишнината од раѓањето на македонскиот просветител, народен творец и учител и возобновител на Лешочкиот манастир, игуменот Кирил Пејчиновиќ-Тетоец.
Настанот беше во организација на Комисијата за односи меѓу верски заедници и религиозни групи, а присуствуваа бројни гости од Македонската православна црква, предводени од архиепископот г. г. Стефан, пратеници во Собранието, личности од науката и образованието и голем број жители на Тетово и околните места.