Ни ракетите во Израел не можат да го замолчат пи-арот на Мицкоски
САД и Велика Британија ги повикаа своите граѓани да ги искористат комерцијалните опции, а други земји испраќаат свои воени авиони за евакуација. Други ги ангажираат сопствените авио-превозници. Но сите ја разгледуваат безбедносната ситуација пред да испратат лет
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како што се очекуваше, ја обвини владата за „епска неспособност“ затоа што сѐ уште не ги извлекла сите македонски државјани од Израел. Според Мицкоски, сите околни држави веќе ги вратиле своите сограѓани со чартер летови, само Македонија не, тврдејќи дека за нив никој не води сметка и нема кој да ги донесе, иако кризен штаб на МНР и нашата амбасада во Тел Авив, во која патем има еден дипломат, работат на тоа, со дипломатската мрежа околу.
„Тоа е епска неспособност на владата на СДСМ и ДУИ. Претпоставувам има разногласие во самата влада – која од страните има позитивна, а која има негативна улога“, рече Мицкоски. Од хаотичната изјава само се сфаќа дека Мицкоски не знае која држава и со каков буџет ја претставува.
„Таму се заглавени македонски граѓани кои, за жал, се снаоѓаат кој како умее и знае затоа што овие во владата се оптоварени во насока на тоа кој повеќе тендери да украде, кој повеќе провизии да собере и кој повеќе би рекол да направи скандали… И тоа не е добро. Бидејќи гледаме како околните држави праќаат чартер летови, праќаат летови во Израел, каде што беше јасна агресијата на терористичката Хамас врз недолжното население во делот на државата Израел. Навистина тоа беше еден напад без преседан, кога гледате како цивили долго време се држат како заробеници и како цивили тој ден буквално страдаа под налетот на овие терористи а околните држави си се снајдоа, си испратија чартер летови, државјани на Црна Гора, на Србија на Хрватска, на Босна и Херцеговина се веќе тука, а за жал нашите сограѓани нема кој да води сметка за нив и да ги донесе“, нагласи Мицкоски.
Практично и од војната во Израел Мицкоски сака да собере некој поен во јавноста, иако тоа што се случува таму има многу поголеми реперкусии за Македонија од невраќањето на сите Македонци во Израел во првите денови од војната.
Додека Мицкоски сака да ја надмине и вревата од ракетите, многу влади со светот сѐ уште прават напори да ги извлечат своите државјани, па и суперсили како Канада, бидејќи испраќањето чартери додека летаат проектили исто така треба да се обезбеди. Светските медиуми јавуваат дека Канада, Германија и Австралија организираат летови за евакуација, но САД и Велика Британија барале од своите државјани да ги искористат и натаму достапните комерцијални опции.
Канада во вторникот соопшти дека ќе испрати воени авиони во Тел Авив „во наредните денови“ за граѓаните и постојаните жители, како и за нивните сопружници и деца.
„Планираме да започнеме со потпомогнато заминување на Канаѓаните од Тел Авив… Работиме и на дополнителни опции за оние кои не можат да стигнат до аеродромот во Тел Авив“, рече министерката за надворешни работи Мелани Џоли. Околу 1.000 Канаѓани во Израел сакаат да заминат по нападот на Хамас во саботата, според Центарот за Израел и еврејски прашања.
Австралиската влада во средата потврди дека побарала итна помош од „Квантас“ и „Вирџин“ за враќање на Австралијците од Израел, бидејќи бројот на загинати во регионот расте. Сепак, министерката за надворешни работи Пени Вонг ги повика луѓето да не чекаат летови за репатријација поддржани од владата доколку можат да најдат комерцијална опција да го напуштат регионот. Се верува дека околу 12.000 Австралијци се во Израел, иако многу од нив се двојни државјани кои можеби не мора да сакаат да заминат.
Германија ја изнајми „Луфтханза“ за да ги евакуира своите граѓани кои сакаат да заминат денес и утре, а германските медиуми објавија дека имало околу 4.500 Германци во Израел. „Луфтханза“ ќе изврши специјални летови денес и утре. Затоа, пак, САД и Велика Британија рекоа дека немаат планови за евакуација на граѓаните, и покрај повиците од погодените.
САД „не размислуваат активно“ за итна евакуација на своите граѓани, изјави во понеделникот портпаролот на Советот за национална безбедност. Во изјавата истиот ден, претседателот Џо Бајден рече „за оние кои сакаат да заминат, комерцијалните летови и копнените опции сè уште се достапни“.
Велика Британија советуваше да не се патува во делови на Израел и окупираните палестински територии, но не планира да ги евакуира граѓаните. Секретарот за надворешни работи, Џејмс Клеверли, изјави дека министрите „работат со“ воздухопловната индустрија за да обезбедат комерцијалните летови да останат достапни за Британците кои сакаат да го напуштат Израел.
Австрија соопшти дека нејзините вооружени сили почнале да ги евакуираат Австријците од Израел во средата ,а лет за репатријација на бразилски државјани со 212 патници се очекуваше да слета во Бразилија рано утрово. Во меѓувреме, Кипар во вторникот рече дека е подготвен да помогне во евакуацијата на граѓаните на трети земји кои можеби ќе сакаат да го напуштат Израел. Кипарскиот министерски комитет во вторникот ја активираше и шемата за репатријација позната како Естиа, која нуди привремено сместување и помош на државјаните на Европската унија и трети земји кои бегаат од кризните области. Воздухопловните власти соопштија дека во понеделникот биле договорени 11 дополнителни влезни и појдовни летови за Израел. Тоа вклучуваше закажана репатријација на околу 150 кипарски аџии од Израел во понеделникот.
Дека решенијата се иновативни и нема правила, покажа чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски кој со својот владин авион врати од Израел 34 чешки граѓани, откако тој застана во земјата при враќањето од конференција во Оман. Данската влада стави на располагање товарен авион „C-130 Херкулес“, кој може да превезува околу 120 патници, но летот нема да се случи пред петок. Франција исто така ќе организира дополнителни летови за репатријација од израелскиот аеродром во Тел Авив во петок и сабота, а специјален лет на „Ер Франс“ денес ќе помогне во враќањето на француските државјани.
Италија организираше седум летови меѓу вторникот и средата, како дел од напорите за враќање на околу 900 италијански државјани од Израел, но Норвешка пак го откажа планираниот лет за евакуација од Тел Авив до Осло – денес поради недостаток на осигурување.
Полска ќе испрати воени авиони за да евакуираат околу 200 Полјаци од аеродромот „Бен Гурион“, а португалски воен авион со 22 лица – 8 португалски и 14 странски државјани – ја заврши мисијата и веќе ги врати државјаните кои сакале да го напуштат Израел. Холандија ќе продолжи со летовите за репатријација за да ги извлече граѓаните од Израел „онолку долго колку што е потребно“, објави денес холандската новинска агенција АНП, цитирајќи ја владата. Холандското Министерство за надворешни работи во средата соопшти дека ќе испрати воен авион во Израел во четврток, откако авиокомпанијата КЛМ ја повлекла понудата до холандската влада за лет до Израел наведувајќи ја безбедноста како причина. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, на Фејсбук објави дека исто така дека повеќе од 1.000 украински граѓани побарале помош за да го напуштат Израел, додавајќи дека првиот лет за евакуација ќе биде организиран за Романија во сабота. Николенко, исто така, рече дека околу 200 Украинци побарале да бидат евакуирани од Појасот Газа, но дека тоа засега е премногу опасно.
Нашиот шеф на дипломатијата Бујар Османи очекува пријавените македонски граѓани да бидат тука утре со авион што го ангажирала нашата влада, но за детали рече дека ќе информира дополнително. Исклучок е еден брачен пар кој е во Газа на граничниот премин со Египет, кој пак беше затворен и не можеле да излезат, така што се интервенира преку амбасадата во Каиро. Со тоа ќе бидат извлечени сите 22 македонски државјани од најзагрозените подрачја во и околу Газа, а утре сите пријавени македонски државјани, што не значи дека нема некој што не сакал да се врати, па ќе се премисли, како што покажа искуството со евакуацијата од Украина. Нашиот дипломат во Тел Авив е таму и нема никаква најава дека и нему му е загрозена безбедноста и дека се враќа. (С.Ј.)