Ни компјутерски софтвер не може да ги „преброи“ административците


Министерството за јавна администрација потрошило милиони евра за системот, но институциите не внесувале во него податоци

Државата потрошила милиони евра за информациски систем за јавната администрација кој не функционира. Ова го утврдиле ревизорите од Државниот завод за ревизија, според кои системот бил набавен во 2016 година, а до годинава за него во неколку наврати се потрошени дополнителни пари.
Според откриеното, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) лани платило 343 илјади евра за одржување на софтверот кој има перформанси да управува со човечките ресурси во целокупниот јавен сектор, а годинава ќе го надградува со нови модули по цена од 813 илјади евра, но голем дел од институциите, иако се должни, не ги ажурираат редовно податоците во софтверот. Поради неагилноста, овој софтвер лани пребројал само 78.320 вработени, а според годишниот извештај на МИОА во јавниот сектор лани работен однос имале засновано 132.068 лица.

Во извештајот нема други забелешки за материјално-финансиското работење во овој ресор што го води Дамјан Манчевски, со забелешка дека финансиските извештаи се вистинити и објективни, а трансакциите се во согласност со законите.
Интегрираниот систем за управување со човечки ресурси по цена од два милиони евра е инсталиран во 2016 година. Софтверот е набавен со повеќе цели, односно, да овозможи прецизен регистар на сите вработени во јавниот сектор, да ја подобри ефикасноста така што ќе го намали времето за обработка на податоците, да води статистики за јавниот сектор, да поднесува навремени и ажурирани информации за вработените и да ги намали трошоците поврзани со управувањето со вработените, како на пример, за изработка на платни списоци, за планирање на развој и напредување итн.
Системот е сочинет е од четири интегрирани модули – за персонална евиденција, за пресметка на плата, за генерирање на извештаи и за управување со учинок на државните и административните службеници, но според актуелните закони задолжително е да се користи само модулот за персонална евиденција.
Во извештајот е наведено дека според Законот за вработените во јавниот сектор одговорното лице во секоја од институциите треба да овласти лице кое треба да ги комплетира и ажурира податоците во софтверот на МИОА, а надзор над ова врши Државниот управен инспекторат.
– Приложените документи генерирани од системот укажуваат дека не се врши ажурирање на податоците. Имено, 168 институции се водат под нацрт-систематизација на работни места, а 201 институција во системот се водат без ниту едно распределено лице на работно место. Неажурноста во внесување на податоци во системот од страна на овластените лица од институциите е причина за наведените разлики,“ констатира ревизијата.
До моментот на вршење на ревизијата, модулот за пресметка на плата се користел во 26 институции, модулот за извештаи се користел само во МИОА, а оној за управување со учинокот на административците не се користел никаде. Според ревизијата, ваквата состојба упатува дека основните цели за кои е воспоставен интегрираниот систем за управување со човечки ресурси не се реализираат, а за неговото воспоставување и одржување во изминатите четири години се направени значајни расходи.