Ни денес немаше услови за гласање во Собранието
Пратениците ниту денеска не гласаа по точките од дневниот ред на пленарна седница. За разлика од претходниот ден кога немаше кворум, денеска немаше мнозинство.
Пратеникот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов го дијагностицираше проблемот со немање кворум за работа. Според него, Алтернатива го условува кворумот со функции во извршната власт и за местото потпретседател на Собранието. Но, партијата на Африм Гаши смета дека поплаките на малите партии произлегуваат од нивното незадоволство од власта.
„Парламентарното мнозинство е стабилно и нема никаков проблем, барем од Алтернатива. Сметаме дека поплаките на малите партии се поради незадоволство од делот од власта, но тоа не зависи од нас. Имаме наш договор за вклучување во Владата и тој се спроведува“, наведуваат од Алтернатива.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека постапките на парламентарното мнозинство го уриваат имиџот на Собранието. Според опозицијата, освен пратениците од мнозинството, Собранието не го почитува ниту Владата.
Од минатата недела Собранието нема изгласано ниту една точка, а за законите само се дискутира. Маратонското гласање ќе биде закажано на друго продолжение. Првиот човек на Собранието во петокот се закани со распуштање на Собранието, и порача доколку има некои недоразбирања тие да се решаваат надвор од Собранието. Најголемите партии од парламентарното мнозинство, СДСМ и ДУИ, иако не успеваат да обезбедат услови за работа, тврдат дека работат на обезбедување на 80-те гласови потребни за уставни измени.