Ни Брисел ни Бугарија не навестуваат дека ќе ја сменат позицијата за уставните измени

Полскиот в.д. амбасадор во Скопје вели дека договорите мора да се почитуваат и дека уставните измени се дел од нив


Фото: Б. Грданоски

 

Вршителот на должноста амбасадор на Полска во Скопје, Мариуш Бримора, вели дека не верува оти може да биде ефективен предлогот на македенските власти за одложени уставни измени. Во интервју за „360 степени“ Бримора, зборувајќи и како претставник на полското претседателство со ЕУ, вели дека „некои сојузници на владата кои инсистираат дека тоа е возможно. Но, од друга страна, нема навестување дека Брисел или Бугарија би ја промениле позицијата, дека се подготвени да ја сменат позицијата. Не сум сигурен дека овој предлог може да биде ефективен. Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, како што слушнавте, изјави дека очекува Македонија да ги имплементира уставните измени“.

Па користејќи ја омилената изрека на македонските власти – латинскиот принцип pacta sunt servanda вели дека сѐ е поврзано со тоа дека договорите мора де се почитуваат, а уставните измени се дел од преговарачката рамка за Македонија.

Бримора вели дека македонската влада мора добро да одмери кон каде треба да се движи државава во времето на големите предизвици во светот и војната во Европа. „Тоа може да резултира со ставање на вашите евроинтеграции на маргините. Ако на ова додадете одредени непредвидливости, како што е доаѓањето на новата американска администрација која може да го тргне фокусот од ЕУ кон други прашања како контролата врз Панамскиот Канал или проектот за мир во Украина, тогаш може да излезе дека приоритетите на ЕУ ќе се променат и дека моментот може ќе замине. Затоа, ако јас бев ваш советник, а не сум и тоа е само мое лично мислење, тогаш би сакал вашата влада да ги одмери работите ‘за’ и ‘против’ и да види што треба да направи за да добие најголем можен профит за граѓаните на Северна Македонија“, вели Бримора.

Според полскиот в.д. амбасадор „ќор-сокакот е сто проценти билатерално прашање и како такво треба да го решат инволвираните земји. Она што ние можеме да го направиме, мислам на останатите членки на ЕУ, е да поддржиме решение кое е во насока на постигнување компромис на каков било меѓународен форум или на ниво на ЕУ и ние дефинитивно ќе поддржиме такво решение“.

Бримора тврди дека треба да почне да се разговара и да се договара компромис.

„Лично мислам дека треба да се почне со процес на помирување со Бугарите зашто, колку што знам, прашањето кое го блокира напредокот во ЕУ-проширувањето е дел од многу поширок и многу подолг историски спор“, вели Мариуш Бримора во интервјуто за „360 степени“.