Независните пратеници со фронтален напад кон поранешните колеги од ВМРО-ДПМНЕ


Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ денеска, бранејќи го Предлог-законот за јавно обвинителство, влезе во отворен конфликт со поранешните колеги од ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е виновен за настаните на 27 април, кој ги насочувал насилниците тој ден, кој го упропастува ВМРО-ДПМНЕ и кој работи по налог на Мијалков беа само дел од темите на кои се конфронтираа пратениците од независната пратеничка група со колегите од ВМРО-ДПМНЕ.

„Би сакала да ја потсетам јавноста дека СЈО го избравте токму вие и овде славевте и скокавте. Вие баравте бомбите да бидат само индиции. Уште во март ова го баравте, цела година преговарате“, му порача пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, обраќајќи му се на пратеникот Антонио Милошоски.

Милошоски претходно порача дека пратениците под уцени и закани гласале за уставните промени, а власта тоа го правела и сега со носењето на Законот за ЈО.

„Кога гласаа за промена на Уставот им се закануваа со затвори по 15 години, ги носеа како компири, ги уценуваа, ги плашеа. Нека е честита коалицијата на СДСМ и Крсто Мукоски“, рече Милошоски.

Пратеникот Крсто Мукоски му реплицираше на Милошоски и потсети на улогата што Милошоски ја имал на 27 април, денот кога насилници влегоа во Собранието.

„Што се однесува до 27 април, ќе ви кажам неколку збора. Крсто Мукоски за таа несвесна грешка што ја направи си го одлежа своето. Жалам што такви како тебе коишто ги упатуваа горе луѓето да го направат тоа што го направија, а ќе ве потсетам на една изјава што беше дадена од сведок којшто во моментов е во бегство, не барајте го Љубен Арнаудов, качете се горе, целта е Заев“, наведе Мукоски.

Пратеничката Александрова го обвини Милошоски дека ја заробиле и ја уништиле партијата и дека оваа битка за да не се донесе законот за ЈО ја воделе преку партијата со намера да не излезат пред лицето на правдата.

Таа потсети дека имале две средби со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дека буквално го молеле ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во подготовката и носењето на овој закон.

„Со кое право вие ја уништувате партијата, колега Милошоски, слушнавме во бомбите дека вие сте тој што ужива привилегии. Заради вас луѓето заминаа во затвор. Милошоски напуштете ја партијата, ја уништивте, ослободете ја. Ја претворивте партијата во битка за вашите лични интереси“, рече Александрова. (Н.В.)