Независните ќе ѝ ја земат „власта“ на ВМРО-ДПМНЕ во комисиите


Осумтемина независни пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ може да бидат „клучот“ за решавање на дисбалансот во некои од собраниските тела, каде што мнозинството сега е под контрола на опозицијата, што дојде до израз на последната седница на Комисијата за избори и именувања.

Пратеничката Владанка Авировиќ, како заменик-координаторка на независната пратеничка група, побара вчера во парламентот да се направи прераспределба во комисиите, со оглед на промените во распоредот на сили што се случуваа во изминатиот период. Таа го истакна ова пред Собранието да го усвои предлогот на Комисијата за избори и именувања за избор на нов претседател на собраниската делегација во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, односно за пополнување на испразнетото место по заминувањето на Горан Милески за министер за локална самоуправа. Затоа таа точка помина во матичната комисија во понеделникот, за разлика од други точки за кои  пратениците од мнозинството бараа да бидат одложени, стравувајќи дека може да бидат надгласани од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса.

Претходно, Авировиќ соопшти дека за оваа точка независните пратеници  ќе гласаат воздржано, како и за сите други предлози од Комисијата за избори и именувања кои се на дневен ред на тековната пленарна седница.

-Во парламентот треба да се изврши прераспределба на комисиите и на  пратениците кои учествуваат во нивната  работа. Сè додека не се направи нов распоред и во однос на тоа што треба да биде дел од доделувањето комисии на нашата пратеничка група, сметаме дека е неправедно да се носат вакви одлуки.  Се надевам дека и колегите пратеници ќе се одважат да гласаат онака како што е во Деловникот на Собранието. Ние ќе гласаме воздржано по овие точки – рече Авировиќ.

Покрај Комисијата за избори и именувања, која ја води Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, а во која одлучувачкиот глас го има Фадил Зендели од Беса, опозицијата ќе има мнозинство и во други собраниски тела ако новата пратеничка на Алијансата за Албанците ги преземе сите позиции што ги имаше Весел Мемеди, кој до скоро беше дел од владејачкото мнозинство.

Оваа распределба на пратениците во комисиите се правеше веднаш по конституирањето на овој собраниски состав – пролетта 2017 година, врз основа на резултатите од изборите во 2016 година. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу – 51 пратеник, а СДСМ 49. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ падна на 39 пратенички места, поради исклучувањето на осумтемина пратеници, но и поради преминувањето на неколку пратеници од помалите партии од коалицијата во таборот на власта. Пратеничката група на Беса, исто така, се преполови, односно остана со тројца наместо со пет пратеници. Другите двајца преминаа во  новата Алтернатива и се дел од мнозинството. Од албанскиот блок единствено Алијансата, пред неколку седмици, доби пратеник плус по оставката на Мемеди од НДП, кој на изборите беше во коалиција со Зијадин Села.

Коментирајќи ги случувањата во Комисијата за избори и именувања, вицепремиерот Бујар Османи од ДУИ оцени дека има симболика во тоа што ВМРО-ДПМНЕ и малите албански политички партии некако ја официјализираа соработката. Со тоа, како што оцени, излегла на виделина дволичноста на политиките на овие мали партии, кои целиот напад врз ДУИ во последните 10 години го базираа на фактот дека е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

-Граѓаните можат сè да ви простат, но не можат да ви простат неконзистентност, дволичност и играње со нивната доверба. Ако 10 години градите политика врз основа на оваа соработка што тогаш се засноваше на волјата на граѓаните од двете етнички заедници и сега наеднаш без срам тоа го правите во пресрет на важен политички момент за државата, тоа зборува повеќе за нив – изјави Османи. (А.М.М.)