Независните го повикаа Мицкоски на дуел, очекуваат да не дојде

Како долгогодишни членови на ВМРО ДПМНЕ, членовите на Независната пратеничка група се обратија јавно до лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски, за да го потсетат дека во статутот на партијата членството во НАТО и ЕУ била главна насока од која тој скршнал.Во нивното обраќање стои:

-Христијан, ти пред целата меѓународна заедница имаш став дека договорот со Грција е реалност, имаш „цврст“ став пред јавноста дека ќе пробаш да направиш промени, имаш „цврст“ став пред членството дека нема државата да ја викаш под уставното име Република Северна Македонија додека во ЕНП широкоградо го прифаќаш, а сите три „ставови“ заедно покажуваат дезориентираност карактеристична на човек кој бега од одговорност.

Овој пат ти се обраќаме поради твоето интервју вчера. Дали со твоето лажење дека не знаеш за парадата на 80 возила од полицијата сакаш да кажеш дека си човек кој не чита вести? Тоа беше топ негативна вест цел ден. Знаеш ли колку е смешно да се зборува за отсјај кога ги гледаме ракавиците на твоите, од народот платени телохранители? Знаеш дека не постои теретана која е празна, во 10:30 ни лани, ни во октомври, најмалку сега. Како се злоупотребени некои луѓе, ќе станат свесни наскоро, денот кога ќе си одиш од позицијата за која немаш храброст да ја извршуваш. Ниту претседател на партија, ниту премиер не е функција само за добро и лесно.

Во твоето тажно интервју повторно зборуваш за платени пратеници, зборуваш за законот за ЈО од кој бегаше без реално учество. Тој процес беше транспарентен, со јавна расправа, со долги разговори и внимание од меѓународната заедница. Истиот беше посебно поздравен и во извештајот за напредокот на нашата татковина што резултираше со конечно зелено светло за отпочнување преговори. Во теоријата за преговори има еден термин „bad faith“, тоа е кога некој глуми дека преговара а нема намера за компромис.

Бидејќи, по твоите лаги за платеници, организирано и диригирано се плаќаат луѓе делот за платени да ни го адресираат нас ти порачуваме:

1. Изнеси докази за тоа што го зборуваш. Знаеш зашто не си изнел? Бидејќи такви НЕ постојат. Јасно ни е дека тебе и на уште неколкумина тоа ви е непознат концепт.
2. Ние не ја напаѓаме партијата, и не може еден човек да се поистоветува со партијата.
3. Христијан дали ти знаеш дека оние кои сега ти се во врвот на листите се тие кои барале „голема заштита и надокнада“? Тие ќе беа први да имаше плаќање. Многу е тешко Христијан да знаеш дека си на продажба. На таквите им е тешко да сфатат преземање одговорност. Затоа и се најгласни, а толку тажни. Доколку се толку храбри нека дојдат да се соочиме пред целата јавност. Бидејќи тастатурата трпи се. Но, јавноста не ја потценувајте. Почитувајте ја и дајте и ја вистината.Не можеш ниту на нас, ниту на други кои мислат различно од тебе да им го одземеш влогот во, и припадноста кон ВМРО ДПМНЕ.

Повелете изберете медиум да се соочиме со фактите. Ти избери кој сакаш да дојде, на кој сакаш медиум, во кое сакаш време. Ние со материјални докази и нашата искреност, вие… вие нема да дојдете. Така?