Независниот синдикат се пожали: Против полицајци се водат 250 дисциплински постапки


Првиот човек на Независниот полициски синдикат Гоце Делчев Тодев, на денешната прес-конференција во Штип, обвини дека високо позиционираните припадници во секторите за внатрешни работи покренуваат дисциплински постапки против полицајци, поради банални причини.

– Лице кое морало да оди во тоалет за време на изборите, а имал покритие на работното место, сепак завршил на дисциплинска постапка, вели Тодев.

Според статистиката на Синдикатот, во моментот се водат 250 дисциплински постапки против полициски работници. Против еден полициски служебник од СВР – Струмица се водат дури шест, а две од нив биле поништени во судска постапка, што според Тодев, докажува дека се работи за лоша проценка на претпоставените.

– Морале тие две постапки кои се воделе против работникот, односно претставникот и член на претседателството на Независниот синдикат на полицијата да ги вратат, односно да се поништат како решенија – вели Тодев.

Од Синдикатот со посебен акт ќе го информираат и лично министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, бидејќи тој е потписник на решението за висината на казната које ќе ја добие службеникот против кој се води дисциплинската постапка.

– Не смее да остане на оној став што го добива како основа од страна на работниците кои едноставно водат хајка против неистомисленици во рамките на полицијата, вели Тодев.

Според него, случувањата во полицијата ќе се рефлектираат и врз безбедноста на граѓаните, бидејќи полицајците и инспекторите наместо да си ја вршат работата, се преокупирани со насоките на комисиите за водење на дисциплински постапки.