Независната угостителска комора бара да се објават сите кои аплицирале за грантовите од Владата


Независната угостителска комора (НУК) му се налути на министерот за економија Крешник Бектеши бидејќи не ги поканил на вчерашната средба со претставници на угостителите и туристичките работници на која се дискутирала и кроела политиката за понатамошнaта владина помош и мерки за угостителската индустрија и бараат Министерството да ги објави сите што аплицирале за грантовите што ги дава Владата.

„Прашуваме која беше целта на вчерашната средба и прес – конференција на која Министерството за економија по којзнае кој пат повторно се пофали за доделување на т.н. селективна финансиска помош со која од регистрирани 725 туристички агенции ќе добијат грант сите кои аплицирале во вкупен износ од 116.850.000 денари, на 197 категоризирани угостителски објекти – хотели ќе им се поврати во целост туристичка такса во висина од 120 милиони денари, додека од неколку илјади регистрирани угостителски објекти – ресторани, гостилници, пицерии, кафетерии, ноќни клубови кои секојдневно тонат во обврски и долгови барајќи начин како да ги сочуваат бизнисите ќе им се доделат едвај 60 милиони денари и тоа на 100-тина т.н. ново категоризирани угостителски објекти наречени ресторани за свадби“, се вели во реакцијата.

Од НУК додаваат дека она што не го знаат ново категоризираните угостителски објекти е планот за воведување на нова лиценца од наредната година со која Министерството за економија сака да воспостави нов ред и правила и ќе ги поврати сите средства од грантовите што ги додели на угостителскиот сектор“.

„Одговорот што во моментов недостасува е за кого навистина се наменети овие грантови и кои се новите и реномирани угостителски објекти кои ќе ги добијат. Недостасува и одговорот колку конкретно и кои се угостители аплицирале за категоризација на своите угостителски објекти“, реагираат од НУК додавајќи дека очекуваат Министерството за економија веднаш јавно да ги објави сите што аплицирале за овие грантовите што ги дава Владата преку Министерството.

Од оваа комора велат дека јавниот повик за издавање на грантови за ресторани за свадби не кореспондира со Програмата за поддршка на угостителскиот сектор.

Според оваа комора, изјавите на министерот Беткеши дека и ноќните клубови добиваат грантови создаваат забуна во јавноста бидејќи, како што велат, тие во целост извисиле од сите мерки и финансиска помош и поддршка од Владата и Министерството.

Тие сепак, како што велат, се благодарни на Министерството за економија и залагањето на министерот недела да остане работен ден за угостителите, но истовремено, го јавно прашуваат Бектеши „дали сето ова e со времен карактер до средината на наредната година со кое ќе важи постојното законско решение додека започне да се применува ново решение со кое угостителите кои сакаат да работат во недела ќе треба да бараат нови дозволи – лиценци и оправданост на истото“, што според нив се крие од јавноста.

Во јавната реакција упатена до медиумите, од НУК велат дека се „единствената независна самостојно и неполитичка специјализирана комора која има една единствена задача да ја претставува, унапредува, помага и поддржува угостителската индустрија и угостителите во Македонија“.