Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ бара прераспределба на комисиите и учеството во работните тела на Собранието


Македонското Собрание на денешната 109-та седница ја донесе Одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација.

Пратеничката Владанка Авировиќ, како заменик координатор на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, пред гласањето истакна дека по оваа точка и сите останати кои се на дневен ред на седницата ќе гласаат воздржано, бидејќи не се задовоилни од донесувањето на предлог-одлуките од Комисијата за прашања на избори и именувања.

– Сметаме дека во Парламентот треба да се изврши нова прераспределба на комисиите и пратениците кои учествуваат во работата на останатите комисии. Се додека не се донесе нова прераспределба во однос на овие комисии и она што треба да биде дел од доделувањето на комисии на нашата пратеничка група, но и предлози и учество во останатаите работни тела, сметаме дека е неправедно да се носат вакви одлуки и сметам и дека колегите – пратеници ќе се одважат да гласаат онака како што е во Деловникот на Собранието, ние ќе гласаме воздржано по овие точки, рече Авировиќ

Собранието ја усвои и одлуката за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици членови на Националниот совет за евроинтеграции, како и Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Во тек е дебатата по Предлог законот за основно образование.