Независната Габриела Илиевскa нов претседател на битолскиот Совет, опозицијата ја нарече „Тројански коњ“


Илиевска беше избрана со поддршка на советниците од ВМРО ДПМНЕ и Левица, но не кажа дали влегува во коалиција со советничкото мнозинство на овие две партии

Анета Блажевска

БИTОЛА – Независната советничка Габриела Илиевска е избрана за претседател на битолскиот Совет со поддршка на советниците од ВМРО ДПМНЕ И Левица. Иако независните освоија само три мандати од вкупно 31, сепак беа клучни за формирање на мнозинство во Советот и кај двете партиски коалиции. Таа е прва жена претседавач во битолскиот Совет која доаѓа од граѓанска листа. За Илиевска гласаа 18 советници ЗА, додека пак за предлогот на СДСМ, Методија Илиевски да биде претседавач на Совет гласаа 13 советници ЗА. На Илиевска ова и е трет мандат како советник, кариерата ја започна како советник на ВМРО НАРОДНА, па продолжи како независна и во изминатиот период се наметна како остар критичар на бившите власти.
Сепак, Илиевска иако ги доби гласовите на ВМРО ДПМНЕ и Левица не сакаше да изусти дали влегува во коалиција со советничкото мнозинство од ВМРО ДПМНЕ и Левица.
-„Поинаку“ ќе биде на страната на битолчани, се она што е добро за градот ќе биде поддржано, се она што не е добро ќе биде критикувано и нема да биде поддржано. И ние остануваме на она што го кажавме во самата кампања и она што го кажуваме во изминатите четири години дека граѓаните на Општина Битола треба да бидат приоритет на секоја нова локална самоуправа, рече Илиевска.
Ваквата реторика на Илиевска остана помалку не разбрана за дел од присутните во салата, како ќе делува претседателката и двајцата советници од независната листа.
Пеце Милевски, советник од ВМРО ДПМНЕ за кого се очекуваше дека ќе биде предложен и за претседател на Совет со оглед на тоа што неговата партија има најмногу 13 мандати, рече дека во моментот неговата партија не е во „официјална“ коалиција со независните советници.


На прашањето пак што побараа независните, а што Левица за да му обезбедат мнозинство на ВМРО ДПМНЕ во Советот , Милевски рече дека немале разговарано и не се занимаваат со политиканство и ситни политички поделби.
Советниците на СДСМ, сепак се обидоа на свој начин да ја разјаснат дилемата кој е власт, а кој останува опозиција во Советот во наредните четири години. Велат дека со изборот на Габриела Илиевска за претседател на Совет всушност ВМРО ДПМНЕ и независните советници ја официјализираа својата коалиција.
-На самото гласање денес паднаа маските, она што го кажав пред две години во Советот на Општина Битола дека тројанскиот коњ е жив, денес е реалност. Тројанскиот коњ е „Поинаку“ она што го работеше затскриено за интересите на ВМРО ДПМНЕ денес е реалност. Мнозинството е на нивна страна, маската падна, граѓанската „Поинаку“ веќе е политички приврзок на режимот на Никола Груевски и Христијан Мицкоски. „Поинаку“ од денес станува ДПМНЕ, рече Методија Илиевски советник на СДСМ, отворајќи го прашањето што им вети ВМРО ДПМНЕ на тројцата советници од независната листа за да ги добие нивните гласови, а што им ветија независните на ВМРО ДПМНЕ за да го добијат претседателското место во Советот.

Тони Коњановски
Новиот градоначалник на Битола Тони Коњановски ја следеше конститутивната седницата и порача дека ќе направи обединување на сите советници за доброто на градот.
-Политиката треба да се тргне од локалната самоуправа, мојата заложба како градоначалник е да направам спој помеѓу сите советници во Советот за да работиме за доброто на градот, за граѓаните. Локалната самоуправа мора да биде место каде нема да се поаѓа од лични, субјективни и партиски приоритети, туку институција во која сите ние ќе делуваме за наш заеднички интерес Битола каква што и доликува на битолчани, рече Коњановски.