Независна листа во Општина Центар поднесе приговор, им го заборавиле логото на гласачкото ливче


Независна листа во Општина Центар поднесе приговор во Државната изборна комисија оти им го нема логото на гласачкото ливче. На листата со кандидати за градоначалници и советници за општина Центар не е испечатено логото, што според нив е спротивно на членовите од Изборниот законик 97 Став 1 и 98 став 1.

„Врз нашите канидати е направена флагрантна дискриминација, ставање во нерамноправна положба и поништување на еднаквоста на избирачкото право. Оваа неправилност е контатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина“, велат тие.

 

Во соопштението до медиумите се вели дека кандидатите за градоначалник и носител на советничка листа за Општина Центар безуспешно се обидувале да поднесат приговор електронски во системот на ДИК кој во тој момент не бил во функција.

Приговорот е поднесен преку електронска пошта и во архивата на ДИК.Во прилог на приговорот независните кандидати прикачиле и фотографија со која докажуваат дека логото го испратиле во општинската изборна комисија на 11 септември 2025 година.

На последната прес-конференција на ДИК за излезноста до 15 часот беше кажано дека досега нема пријавено нерегуларности и дека изборите течат мирно.