„Независен“ во Хелсинки: На плажа во земјата на Дедо Мраз
Од нашиот известувач
Слободанка Јовановска
Финска- „Сериозни сте околу среќата?“ – тоа е реклама која се врти низ финската престолнина Хелсинки, одразувајќи го она што го кажуваат испитувањата околу расположението на граѓаните, а според кои Финците се најсреќни луѓе во светот. Дали е така, самите Финци не можат да потврдат со сигурност, но она што е очигледно е дека Хелсинки, кој е најголем град во земјата со околу 650.000 жители, успеал да стави равенство меѓу она што им треба на граѓаните за убав живот и она што треба да го прави градската власт за развојот.
Иако првата асоцијација за Финска се Дедо Мраз и зимските пејзажи, Хелсинки е град на вода, обиколен со несолено море од сите страни и со многубројни езера внатре. Сега, во јули, кога температурите пораснаа до 23 степени, животот се прелеа на околните плажи, верувале или не, дури 27. Во Хелсинки не е толку битно да се има автомобил колку што е битно да се има бротче, бидејќи јавниот сообраќај е толку развиен, брз, точен, чист, чест, разновиден и раширен што одењето секаде е лесна цел. А, пловењето со бротче по околните 320 острови и по должина на брегот од 120 километри е дел од секојдневието на Финците. Дури и сауните, кои се неизбежен дел од задоволството на Финците, се на морскиот брег, иако капењето во море е реткост, а по престој во сауната следува пливање во базените на отворено.
Животот во Хелсинки генерално е живот со природата, бескраен одмор со водата наоколу, спој со зеленилото од многуте паркови, разни можности за спорт, за трчање, за возење велосипед и други спортски активности. Дури 40 отсто од градот е покриен со зеленило, а за велосипедистите се обезбедени неверојатни 1.200 километри(?) велосипедски патеки. Во Хелсинки воопшто нема сообраќаен метеж како во Скопје, а во повеќе делови од градот како и да нема автомобили бидејќи сите користат јавен превоз (метро, автобус, трамвај, тролејбус или ферибот), возат тротинети, велосипеди, се превезуваат со скејтборди или едноставно пешачат. Во градот тешко можат да се забележат канти за отпадоци и е нејасно како е толку чисто и како се менаџира отпадот. Жителите се толку наклонети кон природата што тоа го сфатиле и многубројните галеби, диви гуски и други птици кои владеат на пристаништата и островите, слетуваат среде рестораните и буквално летаат над главите.
Иако европска провинција, далеку на север, животот во Хелсинки сепак не е евтин. Становите се изнајмуваат неопремени и со цени како опремените апартмани во Брисел, односно над илјада евра. Во секој град се плаќа различен данок на имот, а различен е данокот и за секоја населба, во зависност од атрактивноста. Иако властите оценуваат дека нацијата старее рапидно, во Хелсинки најмногубројна група е таа од 25 до 29 години, а тоа се гледа и на улиците на кои, кога ќе огрее сонце, има многу млади седнати по рестораните и кафулињата. Иако се дружељубиви, жителите на Хелсинки се срамежливи и интровертни, а ако им се верува на статистиките, во најголем број живеат сами, речиси половината. Рано почнуваат со образование и, според официјалните податоци, 99 отсто од децата од 3 до 6 години одат во установи за рано детско образување. Важат за една од наједуцираните нации, а професорите се многу ценети и платени. Дури и келнерите, според овдешни кажувања, се навредени ако им се даде бакшиш бидејќи имаат добри примања.
Во Хелсинки еднаквоста и скромноста многу се ценат, па и како во некои други големи европски градови стануваат популарни продавниците со веќе носена облека, „секенд хенд“, место брендовите. Во тој стил се и казнувањата за сообраќаен прекршок, кои не се исти за сите, туку изнесуваат 15 отсто од платата – па ако имаш голема плата ќе го помогнеш повеќе буџетот на градот со недозволеното однесување. Колку се понапред од нашите градски власти може да се види само од фактот дека имаат стратегија како да се развиваат наредните пет години и дел од неа е и користењето вештачка интелигенција. Загадувањето, сообраќајот, сечењето дрвја, депониите, ѓубрето не постојат како тема, па им треба друга визија. Воздухот лани, на пример, бил чист 99 отсто. Во Хелсинки сега може да се нарача хамбургер или пица преку автомат, а билет за возење се вади директно во автобус, додека на главната железничка станица нема биро за информирање бидејќи сите информации ги има на дисплеј, за да не се трошат веќе работни места на вакви непродуктивни нешта.
Она со што се преокупирани во Хелсинки и генерално во Финска се климатските промени и тоа може да се види на секој чекор бидејќи кампањата околу ова прашање е присутна насекаде, и сè што се прави е да се смени негативниот тренд, така што табелите со разни загадувања на воздухот и емитувањето штетни гасови покажуваат значајни намалувања изминатите години. Овде можеше да се чуе дека климатските промени се видливи, а не само теоретски и дека последните две-три години почнале да одгледуваат лубеници – што никогаш претходно не било својствено за овој регион.
Она што не се менува е белата ноќ, односно денот што трае до 2 часот по полноќ и разденувањето во 3 часот во текот на летото. Во зима, пак, е обратно и денот завршува по 15 часот, така што главно се троши додека сите се на работа. Ова и климата секако се причината што нема многу мигранти во земјата и што главните странци, односно жители што зборуваат друг јазик покрај финскиот и шведскиот, се Руси, Естонци, значајно помалку Сомалијци и Ирачани.
Сите натписи во градот се двојазични бидејќи шведскиот јазик е втор официјален јазик во земјата, како резултат на седумвековното присуство на таа земја во Финска, по што следувало едновековно присуство на Русија. Хелсинки и визуелно е таква мешавина – колоритен град кој изобилува со шведски обележја и бои на објектите и на друга страна некоја руска црква или зграда. Прагматички жителите на овој град сепак најмногу се поврзани со Талин, главниот град на Естонија, кој е за нив евтина оаза со средновековен шмек каде што одат да поуживаат во добрата храна и евтиното пиење.