„Независен” на концерт на Боб Дилан во Берлин: Овации за музичката икона

За оние кои што се навикнати да одат на концерти каде што има светлосни и пиротехнички ефекти, овој настап беше целосна спротивност. Дури немаше ни наједноставно лајт шоу


 

Од нашиот известувач                                                                                                                                                  Мирче Јовановски

БЕРЛИН – Музичката икона Боб Дилан, поет, нобеловец, рок бунтовник и борец за човекови права, викендов во Берлин ја потврди репутацијата на еден од највлијтелните музичари во изминатите пет – шест децении. Вчера, на неговиот последен од серијата три концерти во берлинската Uber Eats Music Hall беше испратен со стоечки овации и со неколку минутен громогласен аплауз. “Независен” имаше ексклузивна можност да го проследи саботниот концерт кој е дел од актуелната турнеја “The Rough and Rowdy Ways”, именувана по неговиот истоимен 39-ти по ред албум.

Настапот почна малку “зарибано”, со премногу тивок вокал, но тоа набрзо беше надминато и како што се одвиваше концертот, работите дојдоа на своето место. Дилан звучеше вокално сигурно, а музички заедно со својот бенд моќно и уиграно.

Со „All Along the Watchtower“ и „It Ain’t Me, Babe“, тој на самиот почеток ги “навлече” обожавателите со познатите класици, иако, како и на другите настапи, според реакциите на социјалните мрежи, им ја отежна работата бидејќи и двете песни беа далеку од оригиналот. Но, оние што го следат на неговите настапи во живо, пред се специјализираните музички списанија, велат дека тоа не е невообичаено за Дилан.

Во извештајот за концертот на Дилан во Берлин ден претходно, во петокот, влијателниот Ролингстон пишува дека “така е секогаш со господарот, само така наоѓа задоволство”.

Само за илустрација, Дилан и бендот излегоа на сцената без да прозборат било што, отсвиреа 17 нумери од кои најголемиот број маестрално, што наиде на воодушевување кај присутните, но Дилан вечерта кажа три или четири пати само “Благодарам”. Немаше никакви говоранции, кокетирање со публиката, но затоа обожавателите уживаа во “везењето” на гитарите, возбудливата ритам секција, познатиот вокал на Дилан, неговите бравурози на усна хармоника и, овој пат, свирењто на пијано, наместо на гитара (често пати со едната рака свиреше на клавијатурите, а со другата го држеше микрофонот).

Доминираа, сепак, песните од неговиот 39-ти студиски албум „Rough and Rowdy Ways“. давајќи печат на основното расположение кое фасцинира и плени. Некои од песните, како „Black Rider“ во живо звучеа уште помоќно.

Во главно блуз атмосферата, беа уфрлани и класици, се разбира „преработени“ на типичен дилански начин, како на пример „It’s All Over Now, Baby Blue“, или „Desolation Row“. Или, како што напиша Ролинг стон, „Берлин беше сведок на една децениска популарна изрека: ‘Никој не го пее Дилан како Дилан!’“.

За оние кои што се навикнати да одат на концерти каде што има светлосни и пиротехнички ефекти, овој настап беше целосна спротивност. Дури немаше ни наједноставно лајт шоу. Музичарите беа осветлени со пет – шест рефлектори и со ништо повеќе. Исто така, на концертот не беа дозволени мобилни телефони, за што уште во постапката на набавка на билети беше барана согласност. При влезот во салата, посетителите мобилните ги подесуваа на „мјут“ или во “авионски режим”, а потоа ги ставаа во посебни заштитни навлаки „заклучени“ со магнети, кои беа отклучува и и враќани по концертот.  Што би рекол Зоран Предин во една негова песна , „ние сме аналогна раса”.

Годините, по сѐ изгледа, го прават своето, па Дилан физички  на моменти делува несигурно. Најголемиот дел од настапот го помина зад клавирот, седејќи на столче или потпрен на него. Во ретките моменти кога излегуваше со микрофонот, тој како да си играше со жицата од микрофонот, и набрзо потоа се враќаше потпирајќи се со едната рака на пијаното.

 

Сепак, 83-годишната жива легенда брзо го најде својот пат за што „грб“ имаше во неговиот извонреден бенд кои секогаш доаѓаа до израз кога беше потребно.

Дилан на тековната турнеја е од ноември 2021 година промовирајќи го неговиот албум  „Rough and Rowdy Ways“, и според најавите ќе заврши во ноември годинава со три концерти во Ројал Алберт хол во Лондон. Кога се ќе се резимира, бројот на настапи е импресивен – 138 во Северна Америка, 82 во Европа, 11 во Азија. Поради интензивната концертна активност уште од 1988 година, со прекин поради пандемијата со Ковид 19, новинарите популарно ја нарекуваат и „Турнеја без крај“ (Never Ending Tour).

Дилан ја започна кариерата уште во раните 1960-ти и брзо стана музичка икона, поради карактеристичниот глад и поетските и често бунтовни текстови. Песните како „Blowin’ in the wind“, „The times they are a changing“, станаа химни на општествените промени.

Во текот на плодната кариера има добиено бројни награди, вклувајќи Греми, Пулицер, Златен глобус, Одкар, а во 2016 година ја доби и Нобеловата награда за литература.

Боб Дилан, имаше концерт и во Скопје, на 4 јуни 2010 година во Метрополис арената. Тој е сигурно едно од најголемите музички имиња кој што настапувал кај нас.

Боб Дилан деновиве е актуелен и заради биографскиот филм кој се очекува до крајот на годинава во кината.

Станува збор за „Complete Unknown“ во режија Џејмс Манголд, човекот кој се прослави со неговиот ѕвезден филм за Џони Кеш, „Walk the Line“ во 2005 година.