Незадоволство на медицинските сестри има во сите здравствени институции


Фото: Б. Грданоски

Унијата на здруженијата на медицински сестри, техничари и акушери предводена од Здружението „За нас“ бара да се донесе Закон со кој ќе се регулира дејноста на медицинските сестри.

Претседателот на Унијата, Гордана Бешлиовска  изјави дека медицинските сестри имаат нерешен статус и во болниците има не само одлевање на медицински сестри, туку и разни други нивни незадоволства и нарушување на нивното достоинство.

-Основното решение лежи во донесување на Законот за дејноста за нашата сестринска професија, кој ќе ги зададе нашите задачи, нашите компетенции врз основа на кој ќе имаме одговорност. Ние немаме зададени компетенции и задачи, ниту можеме да си ја одредиме одговорноста и како фела сме маргинализирани и оставени сме на милост и на немилост на политиките на менаџерите во здравствените институции, рече Бешлиовска.

Според неа, медицинските сестри не недостигаат само кај нас, туку тоа е глобален проблем.

-Ако не беше пандемијата ќе имаше уште поголем дефицит од медицински сестри, се повеќе и повеќе ќе заминуваа и кога ќе заврши пандемијата голема е бројката на медицински сестри кои се подготвуваат да си заминат. Имаме сестри кои во моментов  разни завршни испити за јазици полагаат и во соседна Србија и се подготвуваат по завршувањето на пандемијата да си заминат. Основната причина е во нерегулирање на дејноста на професијата. Има комплетно незадоволство во целокупната фела. Понудените решенија за законот треба да се прифатат. Препораките на СЗО се во насока на сестрите да им се даде апсолутно голем простор во имплементирање на здравствената политика, потенцира Бешлиовска.

Додаде дека незадоволство на медицинските сестри има не само на Инфективната клиника, туку во сите здравствени установи.